Elementi Logo

ПОЕТИТЕ НА РЕВОЛУЦИЈАТА

Backgorund

ПОЕТИТЕ НА РЕВОЛУЦИЈАТА

Сцена 3

Димитрје излегува од тоалетот на факултетот и се држи за стомакот поради гасови од нервозните црева. Ања излегува од амфитеатарот.

АЊА:
Каде си? Сега ќе почне гласањето.

ДИМИТРИЕ:
Еве ме, бев до тоалет.

Ања го погледнува Димитрие во очи.

АЊА:
Влегувањето во блокада е единственото логично решение.

ДИМИТРИЕ:
Се плашам што ќе добиеме, а што ќе изгубиме?

ГЛАСОТ НА МОДЕРАТОРКАТА:
Почитувајте го редот за збор! Нема јавување преку ред!

АЊА:
Мора да се обединиме. Сите студенти мора да застанат заедно.

ДИМИТРИЕ:
Мислиш ли дека можеме да се обединиме? И што ако ние тргнеме во блокада, а останатите студенти на кампусот само продолжат да полагаат испити и ја завршат годината, а нас нè исфрлат? Мислиш ли дека Техничкиот, Медицинскиот и Економскиот факултет ќе застанат? Не верувам. Ним им е важно што побрзо да ги завршат студиите за да заработуваат, не ги интересираат општествените промени.

АЊА:
Генерализираш.

ДИМИТРИЕ:
Ќе видиш, само Филозофскиот, а можеби и Академијата ќе застанат, а тие се премногу мали. Народот пак ќе рече дека повторно се бунат безделниците – филозофите и уметниците.

АЊА:
Мислиш дека на студентите по медицина не им е преку глава што најлошиот олош се вработува преку врски и дека на граѓаните веќе не им е доста да стравуваат дека на секој чекор нешто може да им падне на глава? Петнаесет луѓе беа убиени. Невозможно е човек да остане рамнодушен!

На Димитрие му ѕвони телефонот. Тој го одбива повикот.

ДИМИТРИЕ:
Татко ми. Сигурно сака да знае дали влеговме во блокада и како сум гласал!

АЊА:
Што ти е гајле? Гласај онака како што сакаш.

ДИМИТРИЕ:
Не знам што сакам. Сакам промена, но ни ова не ми изгледа како вистинско решение. Што ако не биде доволно сите студенти да застанат?

АЊА:
Тоа ќе го видиме, Димитрие. Не можеме однапред да го знаеме, но наше е да почнеме.

ДИМИТРИЕ:
(иронично). Биди промената што сакаш да ја видиш.

АЊА:
Ти се потсмеваш на тоа, но јас искрено верувам во него.

ДИМИТРИЕ:
Не знам, ме загрижува сето ова. И расправијата што веќе почна на пленумот. Коста навистина премногу се залага ова да биде некаква левичарска приказна, а тоа веднаш ќе ги оттурне сите националисти, а на овој факултет ги има и повеќе од доволно.

АЊА:
Тој претерува со тоа. Сите мораме да ги надминеме нашите разлики ако сакаме да успееме.

ДИМИТРИЕ:
И јас така мислам.

Свирежи од амфитеатарот.

АЊА:
Тогаш кажи им го тоа. Тебе ќе те слушаат затоа што си посмирен од Коста. Нема да прегориш пред нив и нема така лесно да влегуваш во конфликт.

ДИМИТРИЕ:
Но кој сум јас за тие да ме слушаат?

АЊА:
А зошто мислиш дека ова не е за тебе? Зар повеќе би сакал да бидеш просечен човек кој засекогаш ќе има идеи, а кога ќе дојде моментот да ги изговори, ќе остане нем? Ние сме подобри од тоа.

ДИМИТРИЕ:
Не сум сигурен...

Еден студент луто го напушта амфитеатарот и излегува од факултетот. По него излегува Коста, високо момче во редарски елек на кој се исцртани црвени дланки.

КОСТА: (на студентот)
Ајде, застани. Малку се занесов. Се разбира дека можеш да присуствуваш.

АЊА:
Што се случува?

КОСТА:
Многу е напнато внатре. Ајде, влегувајте. Сега ќе се гласа.

ДИМИТРИЕ:
Веднаш.

КОСТА:
Ајде, Димитрие, ни требате и ти и Ања.

Коста повторно влегува во амфитеатарот.

АЊА:
Ќе одиме?

Димитрие погледнува кон тоалетот, сакајќи да тргне натаму. Се фаќа за стомакот, го задржува воздухот извесно време, па го испушта чувствувајќи олеснување.

ДИМИТРИЕ:
Ајде.

Ања и Димитрие влегуваат во амфитеатарот.

Асистентката Миља Бакиќ излегува од професорската канцеларија, застанува пред вратата на амфитеатарот и ги прислушкува студентите. Професорката Митровиќ влегува на факултетот.

МИТРОВИЌ:
Колешке, што правите?

МИЉА:
Ги слушам овие што ми избегаа од предавање. Необразовани бунтовници.

МИТРОВИЌ:
Станува збор за многу поважни работи од вашето предавање.

МИЉА:
Колешке Митровиќ, не мешајте ми се во работата.

МИТРОВИЌ:
Само велам.

МИЉА:
Која сте вие да ми кажувате што е поважно?

МИТРОВИЌ:
Не изживувајте се врз мене.

МИЉА:
Овој олош мора да биде запрен. Сите ќе пропаднеме поради нив.

МИТРОВИЌ:
А зар веќе не сме пропаднати? Срам да ви е. Се однесувате како разгалено дете.

Коста излегува од амфитеатарот.

КОСТА:
Пленумот ве моли за тишина.

МИЉА:
Какви ви се тие комуњарски структури?

МИТРОВИЌ:
Коста, кажете ми, дали ја изгласавте блокадата?

КОСТА:
Напнато е, но би требало. Ако не помине, тогаш сите колективно треба да се убиеме. Не гледам никаква смисла.

МИЉА:
Самоубиство! И тоа го промовирате!

МИТРОВИЌ:
Колешке, навистина би требало за ова да разговараме на друго место.

МИЉА:
Немаме ние што да разговараме! Политичкото дејствување е незаконско во зградата на факултетот. Сите треба да ве исфрлат надвор.

КОСТА:
Ова е многу повеќе од политика.

Коста  ја погледнува подбивно Миља Бакиќ и влегува во амфитеатарот.

МИЉА:
Само го маскирате тоа со такви фрази. Ќе го повикам деканот. Ќе ве исфрлат!

МИТРОВИЌ:
Навистина сте непоправливи.

Расправијата ја прекинува гласот на студентка од салата.

ГЛАСОТ НА МОДЕРАТОРКАТА:
Имаме 140 гласа „за“, 55 „против“ и 30 воздржани. Предлогот за блокада на факултетот е усвоен. Го прогласувам Филозофскиот факултет за блокиран!

Аплауз.

МИТРОВИЌ:
Браво, студенти!

Студентите масовно излегуваат од амфитеатарот со транспаренти и ги лепат на вратите на факултетот. Коста, во редарскиот елек, застанува пред влезот. Останатите студенти извикуваат:

СТУДЕНТИТЕ:
Сите во блокади!

Миља Бакиќ, оттурната од налетот на студентите, истрчува од зградата. Професорката Митровиќ им аплаудира на студентите.

Некој од студентите ја снима Ања за социјалните мрежи.

АЊА:
Студентите на Филозофскиот факултет во Нови Сад официјално стапија во блокада!

Аплауз и звук од свирчиња. Димитрие го зема знамето на факултетот и ентузијастички мавта со него.

 

Превод од српски јазик: Сашо Огненовски

ЗА АВТОРОТ

Миомир Милосавац

Миомир Милосавац е роден во 2005 година во Нови Сад, Србија. Студент по драматургија на Академијата за уметности во Нови Сад. Автор на текстот за претставата Само Кеш, кој го изведе во рамките на Студентскиот театарски фестивал 2025. Објавува театарски статии и истражувања во списанието „Сцена“ (Стериино позорје, Нови Сад). Пишува театарски рецензии за студентската рубрика на билтенот на фестивалот „Стериино позорје“, како и за интернет платформата „ИнтерТрибина“, чиј коосновач е. Автор е на драмата Поети на револуцијата и ја изведе во форма на јавно читање на 71-то Стериино позорје во 2026 година.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 20

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ