БАЛАДА ЗА КЛОДЕЛ
Петта сцена – Незгода во дуќанот на Харли Призли
Дуќанот на Харли Призли. Пред дуќанот има клупа на која спие пијан старец, а под неа, на земја, спие пијан млад човек. Во дуќанот има шанк, зад кој се наоѓа врата. Харли стои зад шанкот и намуртено јаде лубеница. Гарли ја грицка незапалената цигара, па безуспешно се обидува да ја запали. Харли му подава нова цигара. Од горниот кат се слуша гласно одење со високи потпетици и преместување на мебел.
ХАРЛИ:
Пак премногу ја излигави.
ГАРЛИ (ја става цигарата во уста и ја грицка):
Пријателе, ќе приумрам ако не прашам – што прават оние двајца пред дуќанот?
ХАРЛИ:
Се напиле па спијат. Ги знаеш музичариве, уште од градот. Подивуваат штом ќе намирисаат дека сè уште чуваме виски.
ГАРЛИ:
Ме чуди што можат да спијат на ваква врева. Да не прави Ернестина преместување горе?
ХАРЛИ:
Камо среќа, Гарли! Во мојот живот се прави вистински распоред... поточно, распад на редот, полош од кога било!
ГАРЛИ:
Сто посто знаев дека нешто те јаде! Само не можев точно да погодам што е.
ХАРЛИ (плука семки):
Ме јаде, богами. Ми го јаде црниот дроб, Гарли! Ме јаде повеќе отколку што просечен селанец јаде лубеница на оваа проклета жештина.
ГАРЛИ:
Гледам, гледам. Цело време си велам дека те снашле некои маки со парите , нели? Зошто се нервираш, знаеш дека јас секогаш ќе ти позајмам...
ХАРЛИ:
Не е тоа. А и како ќе ми позајмиш кога само жена ти работи?
ГАРЛИ:
Не грижи се ти за тоа, брате!
ХАРЛИ:
Не се грижам, затоа што не е тоа! (се смирува) Толку ме е срам што не знам ни како да ти кажам.
Се слушаат чекори по скалите. Ернестина, надвор од сцената, довикува.
ЕРНЕСТИНА (вреска):
Тебе ништо не те е срам, вреќо измет! Но ќе те биде! До вечер целото село ќе знае што направи!
Харли и Гарли исплашено се погледнуваат.
ХАРЛИ (потивко):
Всушност, би сакал да можам да разговарам со пречесниот Хорас, но тој пак би застанал на моја страна, како и секогаш.
ГАРЛИ:
Тој би застанал и на страната на демонски алигатор од Флорида, само ако алигаторот му плати за исповед.
ХАРЛИ:
Навистина, човекот не се гнаси од пари.
ГАРЛИ:
Боже, прости.
ХАРЛИ:
Боже, прости.
Гарли повторно се обидува да ја запали цигарата, но таа не гори затоа што ја излигавил премногу. Ја плука и зема нова. Заборава да ја запали и само ја џвака.
ГАРЛИ:
Ајде, Харли, пријателе. Добога, се знаеме уште од деца. Што има на овој свет што би ти било срам да ми го кажеш?
ХАРЛИ:
Слушај, Гарли. Ако случајно успеам да ја смирам Ернестина и ако не го рашири ова низ селото, мора да ми се заколнеш дека нема да му го пренесеш на ниту една жива душа тоа што сега ќе ти го раскажам!
ГАРЛИ:
Се колнам во сè што ми е свето! Ајде сега, кажувај, Харли!
ХАРЛИ:
Во себе заколни се!
ГАРЛИ (незаинтересирано):
Сто пати се колнам во себе! Ајде, кажувај!
ХАРЛИ:
Нема врска, веројатно Ернестина и онака ќе им разгласи на сите. Значи, тоа беше утрово околу десет часот. Или десет и пол. Пред тоа беше Дени, но замина кај Санти по некакви шрафови. Само што си замина, во дуќанот влезе малата Клодел Инглиш. Знаеш за кого зборувам?
ГАРЛИ:
Да, како да ми е позната. Ајде, опиши ми ја.
ХАРЛИ:
Е токму тоа. Ни јас никогаш не сум ѝ обрнувал некое внимание. За мене таа секогаш беше само пристојно девојче од семејството Инглиш. Доаѓаше многупати кога ќе ја испратеа родителите. Никогаш не се задржуваше и никогаш не купуваше ништо друго освен она по што беше дојдена. Но денес... кога влезе, речиси и не ја препознав...
ГАРЛИ:
Зошто го велиш тоа?
ХАРЛИ:
Па затоа што, гледаш... (ги бара зборовите) затоа што влезе некако поинаква. Не можам да ти кажам дали сменила нешто во облеката, дали поинаку ја наместила косата или едноставно одеше поинаку, но изгледаше како преку ноќ да созреала. Како праска – навечер уште ги гледаш голите гранки со по некоја пупка, а веќе следниот ден ја затекнуваш во полн цут. Така и таа, брате, некако преку ноќ процвета.
ЕРНЕСТИНА: (вреска)
Така ли? Зар не е тоа романтичен опис? Ова оди право кај мојот адвокат!
Старецот и младичот пред продавницата се сепнуваат и се будат.
ХАРЛИ:
Душо! Сето ова му го раскажувам на Гарли само за да ме посоветува. Што да правам кога ти не сакаш да седнеме и да разговараме како луѓе. Ќе направам сè...
Ернестина силно ја треска вратата на катот. Младичот и Старецот зачудено се погледнуваат, па се приближуваат до излогот за да прислушкуваат.
ХАРЛИ: (тивко)
Како што реков, овој пат Клодел се однесуваше сосема поинаку. Долго ги разгледуваше работите низ дуќанот, а особено се задржуваше кај женските ситници, како шминката или... (се закашлува) ...или, што знам, чорапите.
ГАРЛИ:
Добро, купи ли нешто?
ХАРЛИ:
Да. Сосема јасно се сеќавам дека потроши цел долар.
ГАРЛИ:
Цел долар?
ХАРЛИ:
Да. Или некаде го украла, или Бог знае од кога штеди. Купи кремче и кафеав сјај за усни.
ГАРЛИ:(го гледа додека ја грицка и ја поместува цигарата)
Да не беше лажен доларот?
ЕРНЕСТИНА: (се дере)
Уф, баш многу ќе се потресеше!
ГАРЛИ: (тивко)
Продолжи, Харли. Што се случи потоа?
ХАРЛИ:
Е, тогаш, брате, работите станаа уште почудни. Најнапред ме замоли да ѝ позајмам ножици. Имала некој конец на фустанот, вели, па на оваа жештина постојано ѝ се лепел за листовите.
ГАРЛИ:
За листовите ѝ се лепел?
ХАРЛИ:
И јас се збунив што едно девојче ми кажа така. Но што ќе правам, почнав да ги барам ножиците во касата...
ЕРНЕСТИНА:
Што ќе правиш!
ХАРЛИ:
Љубов моја, толку многу се каам. Слези долу да разговараме отворено.
Трескање врати.
ГАРЛИ:
Само продолжи, Харли. Ќе се смири таа.
ХАРЛИ:
Е, како што реков, ги барав ножиците, но никако не можев да ги најдам. Ѝ реков дека можеби може само да го скине конецот. Но таа, Господ да ме убие ако знам зошто, одеднаш ме праша што чувам во онаа мала соба таму.(/покажува кон вратата) Ти знаеш дека таа соба секогаш ја држам заклучена и никогаш не би дозволил муштерија да стапне зад касата. Некои работи се едноставно принципи, а принципите се почитуваат затоа што си паметен, а не затоа што си лош. А јас, богами, секогаш сум претпазлив и знам да бидам лукав како лисица.
ГАРЛИ:
Ммм-хм.
ХАРЛИ: (воздивнува)
Е, ама овој пат ни самиот не знам како и зошто, како од пушка ѝ реков дека во таа собичка сакам да легнам и да одморам кога нема многу работа. Тогаш ме праша да ѝ ја покажам собичката за таму да ги побараме ножиците. Сè некако се одвиваше многу брзо, но...
ГАРЛИ:
Мхм?
ХАРЛИ:
Пред воопшто да сфатам што се случува, ја отклучив собата, ја пуштив внатре и ја затворив вратата зад нас.
Старецот и Младичот се погледнуваат и се закикотуваат.
ГАРЛИ: (му паѓа цигарата од устата)
Слушај, Харли...
ХАРЛИ:
Почекај, Гарли. Кога веќе почнав, морам да ти раскажам до крај.
ГАРЛИ: (става нова цигара и ја грицка)
Мхм!
ХАРЛИ:
Со некаква ѓаволска магија веднаш ги здогледа ножиците врз кутиите во аголот. Дотрча до нив, го пресече конецот, а потоа ги зеде ножиците...
ГАРЛИ:
Да не те нападна?
ХАРЛИ:
Подобро да ме нападнеше, пријателе. Ги зеде ножиците и сама си го пресече фустанот до колена. Полека и внимателно, потпирајќи ги ножиците до колената за да не пресече накриво.
Харли замислено ја глода и ја насолавува цигарата во устата.
ГАРЛИ:
Ц, ц, ц...
ХАРЛИ:
Потоа Клодел одеднаш ме праша дали би можел да ѝ подарам некои чорапи за да си ги покрие нозете сега кога си го среди фустанот. А јас полетав во продавницата како умот да ми истекол на подот, или, во секој случај, некаде надолу. Ги зграпчив сите чорапи што ми беа пред очи, не гледав ни боја ни големина. Веројатно сега има чорапи и за мајка ѝ, и за прабаба ѝ, и за идната ќерка ако некогаш ја има. Но како што реков, ѝ ги однесов чорапите на Клодел и ги фрлив на мојот мал, расклатен кревет. А таа, како тоа да беше најприродната работа на светот, како секое утро да го прави истото, зеде еден пар најлонски чорапи, ги рашири и ми ги префрли преку вратот. Ме привлече кон себе како искусен каубој разбеснето теле... Никогаш во животот побрзо не сум се соблекол.
ГАРЛИ: (ја џвака насолавената цигара што само што не се распаднала)
Ајде де, Харли. Откако постои светот, кај жените има нешто што ќе ги обземе, а кога ќе ги обземе, од тоа не можеш да се одбраниш ни со раце ни со нозе. Ете, мојата жена ја обзеде идејата да ѝ изградам кокошарник, а Клодел... Она што сакам да ти го кажам е дека не можеш да ја обвинуваш ни неа ни себе. Таква им е природата. Треба само да го заборавиш тоа. Што било – било, и готово. Се разбира, многу полесно би било ако не беше... (покажува со прст кон таванот) ...но сигурен сум дека ќе ја помине. Инаку, како дозна?
ХАРЛИ:
Видела, добар мој Гарли. Од некоја ѓаволска причина заборавив да ја заклучам вратата. Истата онаа што ја заклучувам секогаш кога ќе прилегнам. Видела како ме јава така врзан, како полуден стар коњ.
На Гарли му влегува малку тутун во устата и бесно ја плука цигарата.
ГАРЛИ:
Извини, пријателе, ме понесе! И? Што беше потоа?
ХАРЛИ:
Што беше? Ништо. Како што влезе таа, така Клодел исчезна низ задната врата, толку брзо како никогаш да не била таму. Не дочека ни гаќите да си ги облече.
ГАРЛИ: (ја лиже и ја излигавува новата цигара, со замислена насмевка/
Да, да... ц, ц, ц...
Младичот пред продавницата тивко мавта со раката и ја отвора устата, како да смислува нова песна. Старецот се смее.
ХАРЛИ:
Ама можам да ти кажам дека чорапите не ги заборави!
ГАРЛИ:
А Ернестина?
ХАРЛИ:
Ернестина остана да ме гледа гол како од мајка роден. Само еден пар чорапи ми остана на нозете, а другиот ми висеше околу вратот...
ГАРЛИ:
Тоа не е добро, брате.
ХАРЛИ:
Не кажувај!
ГАРЛИ:
Како да ти кажам, сè уште не е сè изгубено. Ернестина сега е бесна жена, а бесната жена е како торнадо – брзо полудува и крши сè пред себе. Но ако добро се засолниш и се тргнеш од прозорецот, има големи шанси да преживееш.
Се слуша Ернестина како трчајќи се симнува по скалите и силно ја треска вратата. Се слуша палење на мотор и автомобил што заминува со чкрипење на гумите.
ХАРЛИ:
Ќе се убијам. Што прават овие две утки?
Харли гледа низ излогот на дуќанот, каде што Младичот и Старецот свират и пеат.
МЛАДИЧОТ И СТАРЕЦОТ:
Клодел, Клодел, требаше да застанеш,
Зар ќе го дадеш своето богатство за еден пар чорапи?
Клодел, Клодел, зар мајка ти не ти рече?
Кој по мажени жени скока, сонот ќе си го загуби!
Харли потрчува кон вратата. Младичот и Старецот се оддалечуваат свирејќи. Харли ја отвора вратата и им довикува.
ХАРЛИ:
Еј, пријатели! Каква ви е таа песна?... Не смеете така! Па јас имам семејство!
Дени доаѓа од спротивната страна и влегува во дуќанот.
ДЕНИ:
Што ти е, тато? Изгледаш како да си го видел ѓаволот. Можеби не си се наспал доволно. Оди прилегни, јас ќе ја преземам продавницата.
ХАРЛИ:
Не можам да спијам.
ДЕНИ:
Оди барем малку освежи се. Не лути се, ама малку мирисаш.
ХАРЛИ: (уморно)
Кажи што ти треба, Дени. Веќе знам што е кога така се врткаш низ дуќанот. Ти реков дека можеш без двоумење да земеш што сакаш.
ДЕНИ:
Ми треба клучот од витрината зад касата.
ХАРЛИ:
Што? За што ти е?
ДЕНИ:
Ми треба часовникот што ни го заложија минатата година. И онака одамна им помина рокот да го откупат.
ХАРЛИ:(вреска)
Златниот часовник што го донесе жената на Хорас? Луд ли си?
ДЕНИ: (оди кон касата и го бара клучот)
Тато, немам време за прашања. Кога станува збор за женско срце, секоја секунда може да ме чини многу повеќе од еден смешен часовник.
Харли и Гарли се погледнуваат.
ХАРЛИ:
Која е таа девојка, Дени?
ГАРЛИ:
Мислам дека имам некаква претстава.
Дени брзо ја отклучува витрината, го грабнува часовникот и истрчува од дуќанот.
ДЕНИ: (довикува)
Не грижи се, тато! И многу ти благодарам!
Превоид од српски јазик: Сашо Огненовски
Јас се викам Емилија Узелац. Студентка сум на трета година по драматургија на Академијата за уметности во Нови Сад. Моментално живеам во Бечеј, а по потекло сум од Бачки Јарк. Завршиц гимназија во Карловац, потоа кратко студирав српски јазик и литература, но мојот интерес за филм и театар ме одведе на факултетот каде што сум сега. Учествував на овогодинешното јавно читање на Стерииното позорје и пишував рецензии за претставите. Во мојата претходна работа сфатив дека уживам во пишувањето комедии или трагикомедии во кои ликовите често се под просекот на таканареченото општествено скалило. Таква е драмата „Балада за Клодел“, од која прикачив една сцена. Драмата е адаптација на истоимениот роман од Ерскин Колдвел и ја следи судбината на едно младо девојче во мало земјоделско гратче во Грузија.