Elementi Logo

РОДИТЕЛ ДРЖАВА

Backgorund

РОДИТЕЛ ДРЖАВА

(извадок од првата сцена)

МИХАЈЛО:

(викајќи и гледајќи нагоре)
Ирена знаеше сè цело време и ме пушташе. Зошто тогаш и таа да не пукне?! Нема само јас...

Сите светла се гасат. Се слуша „пукање“ на балон. Миг тишина. Светлата повторно се палат. Ирена му приоѓа на Михајло, кој лежи на подот со рацете над главата. Таа го допира со ногата по рамото, а тој се сепнува. Сања луто ги набљудува.

ИРЕНА: (на Михајло)
Ајде, станувај...

Михајло шокирано станува, не верувајќи дека е жив.

МИХАЈЛО: (во неверување)
Не сум јас?!

Михајло збунето трча низ сцената. Поминува покрај масата со договорите и се лизга на пукнатиот балон-Жена, кој шокирано го подига.

МИХАЈЛО: (на балон-Жената, шокирано)
Ти си го кодошела својот маж?

ВОДИТЕЛОТ НА ПРОГРАМАТА: (глас надвор од сцената)
По деталната истрага, утврдено е дека сопругот навистина ја изневерувал, но со наша вернистка. Со своето недозволиво барање за развод, таа го навредила својот сопруг, но и целата партија!

Михајло брзо го фрла балонот од рацете, дотрчува до Ирена и ја затресува за рамениците.

МИХАЈЛО: (на Ирена)
Зошто ме потресуваш кога не сум јас?

ИРЕНА: (на Михајло)
Но би можел да бидеш, ако решам да престанам да ги чистам твоите гомна!

ВОДИТЕЛОТ НА ПРОГРАМАТА: (глас надвор од сцената)
Се надевам дека сте подготвени, бидејќи дојде време да ги прогласиме и најверните меѓу нас. За почеток, мораме да ја споменеме новинарката која лаже доволно убедливо за да ги уништи животите на сите што велат дека ние лажеме! Аплауз за нашата Ирена Лазиќ!

Аплауз. Од таванот се спушта лента со натпис „Наверна новинарка“, која застанува точно над Сања.

ИРЕНА: (на Сања)
Сањче, можеш ли да се поместиш од моето место?

Ирена го заменува местото со намуртената Сања, насмеано ставајќи ја својата лента.

ВОДИТЕЛОТ НА ПРОГРАМАТА: (глас надвор од сцената)
Бидејќи едното без другото не оди, ред е да го споменеме и адвокатот благодарение на кого ќе биде уапсен и последниот не-НСН студент во нашата држава! Со громогласен аплауз поздравете го човекот кој неуморно се бори оние што не мислат како нас повеќе да немаат простор да мислат – нашиот Михајло Лазиќ!

Лента со натпис „Најверен адвокат“ полека се спушта од таванот и застанува точно над Сања.

МИХАЈЛО: (на Сања)
Душо, помести се малку, стоиш на моето место.

Михајло го заменува местото со разочараната Сања и гордо ја става лентата, поклонувајќи се кон останатите маси. Аплауз.

МИХАЈЛО: (кон Луѓето-Балони)
Ви благодарам, ви благодарам!

Михајло и Ирена се бакнуваат. Сања љубоморно ги гледа. Таа станува и решително се качува на столицата.

САЊА: (довикува)
Сакам да се зачленам во партијата!

Михајло и Ирена за првпат ги „регистрираат“ зборовите на Сања и шокирано ја гледаат.

ИРЕНА:
Сања, дали си нормална? Татко ти и јас со години го градевме ова, ќе расипеш нешто...

МИХАЈЛО:
Сања, не си подготвена! Слегувај од столицата!

САЊА: (на родителите)
Со вас не разговарам. (гледајќи нагоре) Велам, сакам да се зачленам!

Се слуша свечена музика. Од таванот се спушта огромна книга и застанува точно над Сања. Таа гордо ја зема претешката книга, додека родителите се обидуваат да ѝ ја грабнат, сопнувајќи се еден од друг.

ВОДИТЕЛОТ НА ПРОГРАМАТА: (глас надвор од сцената)
Драги наши вернисти, нашата програма ќе мора малку да почека. Некој изрази желба да се зачлени во нашата прекрасна партија. Не заборавајте, секогаш кога ќе се појави некој нов, кој и да е, мора да го зачлениме, затоа што тоа се нови гласови за партијата НСН („Нам, само нам!“)!

Михајло и Ирена ја влечат книгата, а заедно со неа и Сања низ сцената, но таа не попушта.

МИХАЈЛО: (на Сања)
Пушти го „Светото Не сме“!

ИРЕНА: (на Сања)
Ќе нè посрамотиш, сигурно ни заклетвата не ја знаеш!

Шарениот станува и ѝ приоѓа на Сања, „криејќи“ ја зад себе.

ШАРЕНИОТ: (на Михајло и Ирена, несигурно)
Ве молам, таа сега е под заштита на НСН.

Михајло и Ирена лесно го совладуваат Шарениот. Тој безуспешно се обидува да ги фати додека тие се бркаат околу масите.

ИРЕНА: (на Шарениот)
Помести се, ти си најневажниот кретен овде.

МИХАЈЛО: (на Шарениот)
Тргни се! Твое е само да слушаш што ќе ти се каже.

ШАРЕНИОТ: (на Михајло и Ирена)
Ве молам, дозволете ми да ве фатам!

Книгата секоја секунда е во нечии други раце.

ИРЕНА: (на Сања)
Што ќе правиш кога топчињата за маж ќе ти изберат кретен како твојот татко?!

МИХАЈЛО: (на Сања)
Лаже, душо, јас неа ја избрав. Не згрешувај како мене.

ШАРЕНИОТ: (на Сања, задишано)
Ајде, зачленувај се веќе!

САЊА: (рецитира со сигурен глас)
Не сме виновни што живееме богат живот!

Михајло и Ирена шокирано застануваат.

МИХАЈЛО:
Сега нема назад, Сања. Мораш да продолжиш.

ИРЕНА: (на Сања)
Светиот чин на зачленувањето не смее да се прекине кога еднаш ќе започне.

Ирена, Михајло и Шарениот истовремено клекнуваат, оддавајќи почит на заклетвата што следува.

САЊА: (првпат со двоумење)
Не сме должни да бидеме тажни, затоа што другите поради нас се сиромашни и грди!

САЊА: (продолжува)
Не сакаме да работиме, а ниту сме способни за тоа,
затоа – да крадеме!

Сања повремено застанува, очекувајќи реакција од родителите, но тие гледаат во подот.

САЊА: (продолжува со рецитирањето)
Не сме толку прости да се браниме од оние на кои сè им одземаме,
зашто сме во можност и сè да им забраниме,
па затоа ним им останува само да нè остават ние да го имаме сето нивно!

Не сме луди да им дадеме нешто и да се мешаме со нив.
Нека ни суди партијата ако некогаш ја издадеме,
зашто сè постои поради неа и само за неа!
СÈ ЗА ПАРТИЈАТА, НИШТО ЗА ДРУГИТЕ!

Ирена, Михајло и Шарени брзо стануваат.

СИТЕ: (во канон)
Воопшто не сме храбри да распишеме избори,
зашто овие што поради нас страдаат би можеле да нè соборат!

Додека „Светото Не сме“ нè брани со своите лаги, ќе мора да ги избираат само нас – диктаторите!

Затоа никој не смее да го убие нашето „Свето Не сме“, зашто тоа би било и наше убиство, ако народот сфати дека зад ропството се крие слободата!

Затоа ниту еден вистински НСН-овец, кој и по смртта сака да стане диктаторски светец, не смее да ја изговори обратната заклетва, зашто ќе ја симне клетвата и народот ќе стане многу гневен!

Затоа нашето лажно „не сум“ никогаш не смее да стане вистинско „сум“...
СÈ ЗА ПАРТИЈАТА, НИШТО ЗА ДРУГИТЕ!

Конфети.

ВОДИТЕЛОТ НА ПРОГРАМАТА: (глас надвор од сцената)
Драги наши вернисти, бидете горди, затоа што добивме нов член. Сања Лазиќ отсега е една од нас. Добредојде, Сања. Од денес нека единствениот грев за тебе биде да ја издадеш партијата, зашто нема прошка. Ќе ги извршуваш обврските како и сите ние. Време е да ти најдеме сопруг, вистински истомисленик! Дојде моментот топчињата да го кажат своето...

На сцената се дотркалува топка.

ВОДИТЕЛОТ НА ПРОГРАМАТА: (глас надвор од сцената)
Сања, избери го својот идни сопруг, горд член на НСН, со кого ќе можеш да ја продолжиш лозата на сите нас истомисленици!

Сања ја отвора топката, од која испаѓаат многу помали топчиња. Таа ги „брка“ низ сцената.

САЊА: (повеќе за себе)
Кое да го изберам? Можеби ова... А што ако сепак не сакам? Можеби ова?

МИХАЈЛО: (изнервирано)
Сања, душо, не смеам да се мешам... Но избери веќе еднаш, пред сите истомисленици да изумрат од чекање!

Сања несигурно подига едно топче и се врти кон другите.

САЊА: (кон другите)
А што ако ова е подобро?

Ирена ѝ го грабнува топчето.

ИРЕНА:
Доста беше. Ни јас татко ти не го бирав толку долго! Штом го подигна, значи го избра... Во секој случај, не можеш да поминеш полошо од мене!

Ирена и Михајло театрално го отвораат топчето, развлекувајќи долга лента со име, така што ни Сања ни публиката не можат да го видат. Ирена и Михајло шокирано гледаат во Шарениот, а и тој во нив.

ИРЕНА И МИХАЈЛО: (згрозено)
Тој?!

Конфети.

ВОДИТЕЛОТ НА ПРОГРАМАТА: (глас надвор од сцената)
Честитки, Сања. Можеш да го запознаеш својот истомисленички сопруг!

Светлата се гасат. Се гледаат само Сања и Шарениот, кои зачудено се гледаат. Мрак.

 

Превод од српски јазик: Сашо Огненовски

 

ЗА АВТОРОТ

Марија Делиќ

Марија Делиќ, 24 години, студентка по драматургија на трета година на Академијата за уметности во Нови Сад. Волонтира на Фестивалот на аматерски театарски трупи на Војводина во Бачка Паланка. Освои второ место на студентскиот натпревар „МЕЃУНАРОДЕН КОНКУРС ЗА ДРАМИ ОД 1 МИНУТА“ за 2025 година на AGRFT. Истата година, нејзината драма Право во обратна насока премиерно се претстави во аматерскиот театар „Јовица Јелиќ“ во Банатски Караѓорѓев. Пишувала театарски рецензии за театарскиот билтен на Стериииното позорје.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 20

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ