Elementi Logo

Интервју со Јовица Ивановски

Backgorund

 

ЗА МОЌТА НА МОЈАТА ПОЕЗИЈА МОЖАТ ДА КАЖАТ САМО ТИЕ ШТО ЈА ПРОЧИТАЛЕ

 

  1. Твојата поезија е своевиден манифест на стиховниот бунт и лудизам. Колку е таа ангажирана и дали нејзината автентичност има лечебна или разорна моќ?

 

Јас само седнувам пред компјутер и се обидувам да напишам песна. Некогаш се трудам од петни жили и не излегува ништо, некогаш пишувам 5-6 песни за неколку саати. Не сум дел од некоја артистичка група, ниту од некој литературен правец. Секако, имам свои ставови и начела од кои не отстапувам. Но сето тоа не ме врзува во некакви рамки.

Кога би се сложил со теоријата (или идејата) дека секоја уметност е ангажирана, би додал: да, но секоја на свој начин. Така што, можеби е и мојата, на некој начин. 

А за моќта на мојата поезија би можеле да кажат нешто само тие што ја прочитале. Јас сум немоќен да ја проценам нејзината моќ.

 

  1. „Човек“ е една од најавтентичните поетски збирки во современата македонска поезија. Дали твојот стиховен антагонизам ќе отвори други согледби во книжевноста, други мотивации, друг светоглед; всушност колку мислиш дека си успеал да промениш нешто во критичкиот однос кон нашата стварност со твојата поезија?

 

Збирката „Човек“ беше најлогично да ја промовирам есента, откако ја добив наградата „Браќа Миладиновци“. Но промоцијата ја одложив за напролет. И потоа пукна короната. Така што, не ја ни промовирав книгата и се сомневам дека стигнала до голем број читатели. И со оглед на тоа што малкумина ја прочитале, дефинитивно не отворила нови согледби, ниту, пак, променила нешто, во која било смисла. 

 

  1. Досега си издал дваесет поетски збирки во издание на повеќе издавачки куќи, но твоите последни поетски збирки се самиздати, т.е. ги издаваш самиот без соработка со издавачките куќи. Колку е тоа дел од твојата бунтовна провиниенција и секако, кои се твоите причини за избегнување на издавачките куќи?

 

Пред некој ден ја промовирав мојата дваесет и прва поетска книга. Последниве седум книги ми се самиздати, и тоа не го правам од некој бунт, туку пред сè од практични причини. Јас сум тој што бира кој ќе ми прави корица, прелом, лектура, каков формат ќе биде, кој ќе ја печати книгата. А освен тоа, го дoбивам и целиот тираж и имам купишта книги што можам да им ги дарувам на луѓето што ги сакам.

 

  1. Повремено твоите стихови наликуваат на оние на Рејмонд Карвер, можеби и на Буковски. Дали се сметаш себеси за рефлексивен поет и покрај гореспоменатата бунтовност?

 

Секој што пишува, дали проза или поезија, во различни периоди во својот творечки живот бил под различни влијанија. Читање, така се кали и зрее авторот. И до ден денес откривам поети што ме вадат од патики.

Буковски беше дел од моето созревање во осумдесеттите години, а Карвер го открив многу подоцна, но повеќе ми се допаѓаат неговите раскази, отколку поезијата. 

Бунтовноста е најчесто врзана за младоста, а јас одамна не сум млад. 

Но ако под бунтовност подразбирате и неследење на стадото, недодворување, неотстапување од држење до себеси и својот глас, врвење по својата патека исцртана во препознатлив стил, тогаш сум дефинитиво бунтовен.

 

  1. Дали Јовица Ивановски размислувал некогаш за некој друг книжевен жанр: проза, драма итн?

 

За драма не ме бидува. Имам напишано неколку раскази, но не ми се допаѓаат. Се држам до она за што си умислувам дека го знам. Покрај толку заскитани мултимедијални медиокритети околу мене, јас се држам за поезијата како слеп за стап. 

 

  1. Што би правел Јовица Ивановски кога не би пишувал поезија?

 

Би пиел повеќе сè додека не ми забранат и да пијам. Потоа можеби само ќе си забранам да живеам. Како беше онаа на Мартин Лутер Кинг: Човек кој не е подготвен да умре за нешто, не е подготвен ниту да живее.

 

  1. Дали македонскиот писател е достојно вреднуван надвор од границите, во европски или светски рамки?

 

Некои се вреднувани, некои не. Некои со причина, а за некои никако не можам да сфатам како и зошто. Јас, конкретно, сè уште не сум вреднуван, веројатно со причина.

 

Разговорот го водеше:

Сашо Огненовски

ЗА АВТОРОТ

Елементи

Елементи

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 19

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ