1. Рајсфершлус“ е поетска збирка која е специфична на неколку нивоа. Која е твојата мотивираност да се зафатиш за овој вид книжевна форма?
‒ Песните во „Рајсфершлус“ самите одбраа да се родат во оваа форма, тоа не беше однапред планирано, но кога подоцна, во текот на творечкиот процес, се обидов да го разберам тоа што подолго време зреело во мене и сега е подготвено да се појави на виделина, сфатив дека овој прозен облик на песните и нивните исклучиво мали букви, како и отсуството на интерпункциските знаци, особено тие за пауза (точки и запирки) се всушност обединувачкото сврзно ткиво, односно концептот од кој природно произлезе и називот на стихозбирката ‒ „Рајсфершлус“, што на германски јазик значи патент. На самиот почеток на книгата има една воведна песна во која на извесен начин на читателот му се дава предзнаење или појаснување за концептот на оваа книга што пее за таа гранична линија помеѓу две нешта – исти, слични или различни, но која и самата во себе иманентно го содржи својството на подвојување и спојување. „Рајсфершлус“ пее за, а и самата е, граничната линија помеѓу прозата и поезијата, помеѓу науката за јазикот и поетскиот дискурс, говори за нашите врски самите со себе или нашиот однос со другите луѓе, предмети, простори, живи и неживи битија, а сите поетски слики и светогледот се низ призмата на современата жена. Малите букви се симбол на запците од патентот, а отсуството на интерпункциските знаци за пауза е неопходно за читателот да биде активно вклучен и да влијае врз значењето на текстот зависно од тоа каде ќе ги прави паузите и каде ќе одлучи да почнуваат и да завршуваат мислите, небаре и читателот е дел од играта со патентот (горе-долу или напред-назад), давајќи му ја на читателот истата слобода што си ја дозволив себеси како автор.
2. „Антибајки“ е еден од најинтересните делови на поетската збирка. Дали бајките создаваат привид во книжевните интерпретации и колку овој вид на поетска деконструкција влијае врз другото читање на овие книжевни модели?
‒ Уште како студент, на предметот по книжевност за деца, се соочив со фактот дека бајките, иако го носат името на главната хероина (на пример: Црвенкапа, Снежана, Пепелашка, Малата Сирена, Василиса Прекрасна итн.) едвај ја раскажуваат токму нивната страна на приказната. Овие хероини речиси немаат реплики во приказните, и едноставно ставени се во ситуација на предодредена судбина што зависи од другите ликови и околностите околу нив, а главните карактеристики што им се припишани се: наивност, убавина (заради која се стекнуваат и со љубов и пријатели, но и со завист и непријатели), но недостигаат нивните мисли, нивните ставови, нивните сомнежи, нивните причини зад одлуките што ги носат. Сакав да ги претставам како вистински, реални карактери, како силни жени, како жени што сочувствуваат, што судат, што носат одлуки, што страдаат заради неправдите (како Ехо, не поради невозвратената љубов, туку поради клетвата да не може никогаш да се изрази, да каже свои мисли). Ја споменувам и Венди, која е претставена како најздодевниот лик во Петар Пан, но во мојата песна е некој што умее критички да ги согледа нештата и реалноста, некој што умее да преземе одговорност, или Ангелина, која во епот за Болен Дојчин е претставена како очајна и беспомошна млада жена, но во мојата приказна е силна и храбра, и самата се справува со насилниците... Сметам дека тие бајки и приказни некогаш имале своја улога и причина зошто биле формулирани токму така, но денес, младите жени и девојчињата треба да бидат воспитани поинаку, треба од мали да знаат дека е во ред да имаат свое мислење, ставови, дека од нив не се бара само да бидат убави, дека треба да умеат да препознаат предатори и малициозни луѓе и да умеат како да се заштитат од нив, се разбира, и мудро да си ги одбираат партнерите и да научат да се сакаат себеси, оти ми се чини дека тоа се некои од поважните предизвици со кои се соочуваат современите жени. Во оваа насока беше напишана и мојата книга за деца „Ведра“, која, како најголемата плачка на светот, најпрво покажува дека солзите не се само знак на слабост, а потем таа, без никако да се промени, туку токму со останувањето автентично и бескомпромисно своја, наспроти притисоците и очекувањата од околината и од семејството, станува суперхеројот во нејзината приказна. Сметам дека денес ни требаат повеќе такви модели, но исто така и освестување дека силните жени отсекогаш биле меѓу нас, единствено, ете, во книжевната историја биле замолчани и некој друг си земал за право да ја раскажува нивната приказна.
3. Твојата поезија во оваа книга говори и за внатрешните немири. Во неа има повеќе прочити, таа е книга која не се чита само еднаш, најмногу заради нејзината слоевитост. Кажи ни нешто за психолошкиот момент, колку во неа има од твојата лична борба и немир?
- Би рекла дека во оваа книга се отсликува многу од мојата бунтовност и од соочувањето со светот во кој постојано се огледувам и се преиспитувам, се себеспознавам во сите улоги што во животов ги имам, пред сѐ како жена, како мајка, како партнер, како пријателка, како замислена непријателка, како љубопитен човек и како авторка што сака да си игра и си дозволува да експериментира со изразот. Да се биде сето тоа потребни се и сила и храброст, особено ако сакаме да живееме автентично и без срам и отворено да зборуваме за нашата ранливост и за нашите сенки.
4. Книгата ја доби престижната награда „Браќа Миладиновци“ и веќе е во продажба нејзиното второ издание што е навистина реткост во поезијата. Колку си задоволна од овој факт и што мислиш дека треба да се направи поезијата да биде што повеќе купувана?
‒ Многу ме радува фактот што мојата книга беше соодветно прочитана, препознаена и оценета со највисокото национално признание за поетска книга кај нас од жири-комисија составена од наши врвни книжевни критичари, автори и универзитетски професори. Текстот од образложението за наградата ми е едно од најдрагите четива напишани како толкување на мој книжевен труд и многу сум среќна што жири-комисијата успеа да ги препознае сите поетски слоеви и состојки што ги сокрив во прозната форма, како извесна мапа на скриено богатство. Што се однесува на продажбата на поетските книги, ќе споделам со Вас дека до овој момент, освен задолжителните 55 примероци што ги доставуваме до НУБ, па потоа се распределуваат во уште неколку од националните библиотеки, сѐ уште не ми се има јавено ниту една единствена библиотека да нарача ни примерок од книгата. Исто така, како издавач се соочувам со многу непријатни ситуации како што се повратот на поетските книги од книжарниците и нивно неприфаќање за продажба, заради тоа што, како што велат, им зафаќаат простор и не се продаваат. Така што, поетските книги, главно, се продаваат само при промоциите на книгите, кога практично пријателите и блиските на авторите сакаат да ги поддржат, но сериозно ни недостига култура на купување поетски книги и еднаков третман на поезијата споредено со прозата. Се чини и дека дел од луѓето имаат впечаток дека поетските книги се нешто што треба да го добијат само на подарок или дека нема потреба да прочитаат поетска книга во целост, односно, дека сосема доволно е да се прочитаат само по неколку песни достапни онлајн или во малиот број книжевни списанија што се печатат. Ќе го цитирам Вапцаров кој вели „безмилосна е борбата и волчка“, но јас и понатаму ќе се трудам поетите да добијат соодветен третман од нашата читателска публика, а на луѓето да им покажувам колку возбуда и уживање носат квалитетните поетски книги и дека местото им е на ударните полици, и дома, и во библиотеките и во книжарниците.
5. Кои се следните книжевни предизвици на Јулијана Величковска, во кој жанр ќе ја насочи нејзината идна креативност?
‒ Периодов, во соавторство со мојот сопруг работиме на една книга, фотоесеј, во која тој ќе биде автор на фотографиите, а јас на есејот. Фотоесејот е посветен на исчезнувањето, односно, трансформирањето на старите скопски маала, и прашањата што таа трансформација ги отвора, како, на пример: што со маалскиот живот што се градел со децении, малските легенди, приказни итн. А веќе од поодамна имам напишано и неколку патеписи/патеписни репортажи, периодов имав исто така неколку патувања за кои исто така пишував и мислам дека за некое време ќе имам и кига патеписи за сите места што оставија силен печат врз мене како личност и како автор, а сум ги посетила минативе 15-на години. Во мене зрее и уште една книга за деца, имам започнато и еден роман, што заради ковидот морав да го ставам на пауза, а имам идеја и за една подолга поема. Така што, се чини дека ќе се расплинам на повеќе страни како автор, што секако, не мислам дека е изненадување за моите читатели (се смее).
6. Покрај пишувањето се занимаваш и со превод, со издаваштво, а водиш и два исто така престижни поетски фестивали? Што е твојот приоритет и дали фестивалите се место каде што може македонската поезија да го најде своето место надвор од нашите граници?
‒ Поезијата е мојот приоритет, а таа е сврзното ткиво на сите мои активности, и како автор, и како уредник, и како преведувач и како организатор на Поетската ноќ во Велестово и на Скопскиот поетски фестивал. Тоа што се обидувам низ годините, веќе 18 години официјално со Поетска ноќ во Велестово и пет години со СПФ е да ги поврзам луѓето. Фестивалите служат токму за тоа, за градење нови пријателски врски и соработки меѓу културите. Веќе склучив и неколку официјални соработки за книжевна размена со Литературниот центар „Мунстер“ од Корк, Ирска, со Светскиот поетски фестивал во Патра, Грција и со Хрватското друштво на писатели од Загреб, и досега неколкумина наши автори се претставија на тамошните фестивали, а нивни автори гостуваа кај нас. Но неофицијално соработувам со многу колеги организатори на книжевни настани, издавачи и слично, и во рамките на моите можности успевам да помогнам да се остварат настани на кои македонската поезија (и книжевноста, воопшто) ќе допрат до друга публика. Неодамна заедно со Лилјана Пандева и со Андреј Ал-Асади гостувавме на првото издание на Меѓународниот литературен фестивал во Подгорица, а до крајот на месецов во рамки на нашата соработка со ХДП, младата поетеса Гала Матевска ќе биде претставена во Загреб. Се разбира, за поголем импакт потребна е и институиционална поддршка, но засега не располагаме со соодветни механизми за тоа. Сепак, како позитивен пример би ја издвоила работата на нашите културно-информативни центри во Софија и во Истанбул, коишто изминатава година се истакнаа со нивните бројни активности. Убаво беше организирано и нашето претставување како национална книжевност на Саемот на книгата во Франкфурт, во организација на МАИ и се надевам дека ќе следуваат уште многу вакви проекти.
Елементи