So come out of your cave walking on your hands
and see the world hanging upside down.
Mumford & Sons
онаутот му лебдеа во воздух,
додека со рацете едвај се придржуваше
за тревните сламки пред пчеларникот
за да го однесе во орбитата.
Со широко отворени очи ги набљудував јаболката
што од презреаност паѓаа на земјата
и не се осмелував ниту да ги откинам од гранките
ниту да ги соберам од земјата,
зашто ми беше забрането.
Астронаутот ми се приближи, влечејќи се со рацете,
и со горчина во гласот,
како оревови јатки потопени во мед,
ми рече: Задржи го светот за миг,
да ти наберам Њутнови јаболка.
Гласовите на возрасните се прашуваа каде исчезнала главата.
Светлината беше со таква боја, што со право можеше да се рече:
сонце, пресечено грло. Во воздухот имаше чувство на свеченост,
проткаено со темјан од изгорена кожа, зачини и крв.
Додека крвта течеше, некој мораше брзо да ја промеша
за да не се стврдне. Наскоро воздухот ќе се загрее од печената крв
и дури тогаш ќе продолжи сечењето на месото на парчиња,
како што се прикажани елементите во периодниот систем во месарницата.
Но дотогаш ќе бидеме длабоко во шумата, под нашите нозе
ќе крцкаат паднатите лисја, воздухот ќе вибрира од зуењето
на мувите, така што веќе нема да го слушаме светот на возрасните.
Калливиот мирис на влага ќе ни се пробие низ ноздрите.
Ќе се расправавме за тоа кој ќе биде Џек, кој ќе биде Ралф, кој Роџер, кој Роберт,
кој Ерик, кој Сем и кој ќе го игра Сајмон.
Речиси секој ќе сака да биде Џек, но ти ќе бидеш Сајмон.
Во бес од ужас на сите четири ќе трчаш низ шумата.
Заколи ја свињата! Пресечи ѝ го грлото! Заколи ја свињата! Прободи ја!
Заколи ја свињата! Пресечи ѝ го грлото! Заколи ја свињата! Прободи ја!
Убиј ја ѕверката! Пресечи ѝ го грлото! Нека крвави!
Нашите црни мисли летаа како рој муви над главата на свињата,
што Џек ја беше набодел на голем кол среде шумата.
Нè облекоа во војничка униформа,
во рацете ни ставија пушки и пиштоли.
Нè пратија од врата до врата,
од село до село.
Танцувавме воени маршеви
и пеевме:
Дебела репка, долга опашка,
денес јадете и пијте цел ден.
Пијте вино, а не вода,
јадете репка, а не месо.
Стрелавме со очи.
Гледавме низ празни патрони.
Се облековме во војничка униформа,
во рацете зедовме пушки и револвери.
Одевме од врата до врата,
од село до село.
Танцувавме воени маршеви
и пеевме:
Од куќа до куќа,
од врата до врата
ви носиме смеа
и со смеата пролет.
Затоа дајте ни
паричка, две,
три гравчиња, три крофни,
едно парче месо.
Стрелавме со очи.
Гледавме низ празни патрони.
Ги направивме војници,
во рацете им ставивме митралези и пиштоли.
Ги пративме од врата до врата,
од населба до населба.
Танцуваа воени маршеви
и пееја:
Трили-ли, трили-ли,
знаеш ли кои сме ние?
Трала-ла, трала-ла,
ние сме карневалски маски, ха-ха!
Стрелавме со очи.
Гледавме низ празни патрони.
Април е најсуровиот месец, светлината е како во август.
На средината од дворот, покрај дабот, на рамката од лулашката,
која е симната, се ниша бел труп, по средината
е засечен и распнат и без глава. Мажи со чинии и ножеви,
од кои капе крв, измешана со светлината и сенките на
гранките, се шегуваат за девојката која, на сребрен послужавник,
нишајќи ги колковите како да ќе танцува,
си ја носи главата кон куќата. На прагот од куќата стои еден човек.
Со левата рака до градите држи кошница полна со маски,
додека со десната се обидува
да ја стави или да ја извади маската или да ја замени со друга.
Неговите очи зјапаат во девојката и истовремено погледнуваат
преку нејзиното рамо и го мерат кривулестиот чекор на ковачот,
што чекори по нејзината каллива локва од сенки, со едната рака
водејќи добиток од шталата, а во другата држејќи мрежа.
Април е најсуровиот месец, светлината е како во август.
На средината од дворот, покрај дабот, на рамката од лулашката,
која е симната, виси бел труп, на средината
е пресечен и распнат и без глава, а мажи со чинии
и ножеви во рацете, од различен агол, преку прекршувањето
на светлината, како да имаат свински глави, додека ја бркаат девојката,
што им донела домашен пијалак, а сега си ја носи главата на послужавник.
На прагот од куќата стои еден човек. Со левата рака држи
кошница до градите, од која ѕиркаат маски: орел, лебед, прч, магаре,
паркељ, Бурч, Банч, Хајтауер, Агамемнон...,
додека со десната се обидува маската на бел бик
да ја стави или да ја извади или да ја замени со друга.
Неговите очи зјапаат во девојката и истовремено погледнува
зад нејзиното рамо и го пробива чекорот на ковачот што криви,
кој со еленско копито ја следи својата дождовна шума од сенки,
со едната рака водејќи го добитокот од шталата, а во другата држејќи боздоган.
Април е најсуровиот месец, светлината е како во август.
На средината од дворот, покрај дабот, на рамката од лулашката,
која е симната, на куки, лулашки, нишалки, мај, април,
бело тело, пресечено по средината и испружено и без глава и мажи
со чинии
и ножеви во рацете се појавуваат од различен агол, со прекршување, со поместување
на светлината, како да се ловци со пушки или војници
што свиркаат зад девојката што брза, што го забрзала чекорот
којашто речиси трча без глава со дрвен послужавник, на кој
носи глава од свиња или Јован Крстител или Јоханан или
Орфеј или Макбет или Џоана Бурден или својата на продажба или
ја изгубил некој и ѝ ги измешал рацете со иста боја со срце толку бело
кон куќата, каде што на прагот стои човек, што на срцето притиска кошница
превртена во маска на Џо Крисмас на лицето што гледа
преку неа
како низ влажна сенка зад која ковач со клас
пченка
во едната и со рогови во другата рака април е најсуровиот месец
светлината е како во август април е најсуровиот месец
светлината е како во август април е најсуровиот месец
Препевот од словенечки на македонски е на Драгана Евтимова.
Денис Шкофич (1985) е поет, прозаист и книжевен критичар. Автор е на три стихозбирки: „Шетач на птици“ (Белетрина, 2013) – номинирана за Јенковата награда и за наградата „Критичко сито“; „Посегнување“ (Цанкарјева заложба, 2017) – повторно номинирана за Јенковата награда; и „Тускулум“ (Цанкарјева заложба, 2023), за која во 2024 година, покрај новата номинација за Јенковата награда, ги доби и Цанкаревата награда за најдобро оригинално литературно дело од претходната година, како и Вероникината награда за најдобра поетска книга на годината. Негови раскази се застапени во изборот „Врани, чкртаници и конфети“ (Литера, 2017), како и во антологијата „Педесет избрани куси раскази од автори родени по 1980 година“ (Дијалоги, 2019). Во 2019 година ја освои наградата на Поетскиот турнир и со тоа се стекна со титулата „витез на поезијата“. Неговата стихозбирка „Посегнување“ беше препеана на грчки и објавена во 2021 г. од „Трака“, Лариса. Неговите песни се преведени на: англиски, унгарски, хрватски, македонски, чешки, германски, словачки и грчки јазик.