Elementi Logo

Јас

Backgorund

Јас

јас пишувам такви песни 

тие пишуваат во стих
освен тогаш кога јас пишувам во стих 

тогаш тие не
тогаш тие пишуваат за тоа како се луди 

тамам кога јас почнувам
повторно светот со тебе го дишам 

нормални песни во рима пишувам 

тогаш сите не
сите пишуваат без рима 

тогаш јас сум чуден 

ама тие тоа не го разбираат 

тие пишуваат во рима или не 

а јас не или во рима 

затоа што сум луд 

луд изгледа
поинаков сум од другите
и тие некои работи што ме прават среќен 

некако чудни се
не би смеел ни да ви кажам 

не би ни разбрале веројатно 

на плажа сум
таман почнува да заоѓа сонцето 

јас се загледувам
а луѓето стануваат 

луѓето си заминуваат од плажата
каде одите луѓе заоѓа сонцето 

има ли поубаво време да се биде на плажа
изгледа има 

тие знаат
јас не знам 

затоа што сум луд 

луд навистина 

поинаков сум од вас
имам поинаков систем за варење 

сосема поинаква храна јадам
не верувам дека некој јаде таква храна каква што јас 

јадам храна каква што јадам
никој
барем не на начин како јас 

чудно
лудо некако 

поинаку од вас
и чудни работи ме возбудуваат 

баш чудни
не сакам ни да зборувам за тоа 

чудно е
не би разбрале 

а дури и моите проблеми 

како воопшто мислите 

да се обидете 

да ги разберете
моите проблеми
кога вие никогаш не сте ги имале
моите проблеми
моите проблеми ги имам само јас 

вие ги немате
ги немате моите проблеми 

знам што ќе кажете 

ама еј ти човеку
а тој човек сум јас 

па и ние имаме наши проблеми 

и мене човеку
а тој човек сум јас
твоите проблеми се само твои проблеми 

а не мои
е па комплицирате 

и не ме разбирате 

не ме разбирате мене 

јас сум поинаков 

јас сум луд 

луд сфатете
поинаков сум од вас 

јас засилено го чувствувам светот 

за работите што ме засегаат 

и имам емпатија 

многу повеќе од вас
за работите што ме засегаат мене
и мене многу повеќе ме погодуваат некои работи 

што се однесуваат на мене
а вас не
вас тие работи не ве интересираат
а мене да

затоа што јас 

јас сум луд 

луд луд
поинаков сум од вас 

јас понекогаш така се чувствувам 

како да сум сам на светот 

и дека никој не ме разбира 

а вие воопшто не
вие воопшто не чувствувате дека мене никој не ме разбира
а јас баш така се чувствувам 

за разлика од вас 

себични човечки животни кои мислите само на себе
јас за разлика од вас и на други мислам понекогаш 

кога ми се потребни
или ќе ми текне на нив нешто
па ќе помислам каде се сега ми требаат за нешто 

а вие не вие само на себе мислите
што ви треба

вам само тоа е важно 

а не јас 

јас не сум важен јас сум луд
луд
поинаков сум од другите

 и во сообраќајот исто
никој не се грижи 

каде сум тргнал јас
сите по свое
само каде тие тргнале 

а јас не
мене ми е важно 

за разлика од вас
мене ми е важно каде сум тргнал јас 

јас се грижам за тоа
вие не 

сите сте исти 

а јас не
јас сум поинаков

јас сум некако луд 

луд
поинаков од вас
притоа како и да не бидам
имав многу тешко детство 

и некои проблеми наследени и стекнати 

што никогаш нема да успеам да ги решам 

вие тоа го немате
вие немате никакви проблеми од моето детство
вам не ви умре мојот дедо 

ниту ве допре тоа не ни дојдовте на погреб 

знам
знам знам 

вие ќе кажете

ама човеку
а тој човек тоа сум јас
па и нам ни умре нашиот дедо
и ние имавме наши тешки детства 

е па немавте
ова е мојата песна 

вие немавте ништо имајте си во вашата песна
ако воопшто сте способни да пишувате вакви генијални лудачки
песни 

а јас сум 

јас сум луд
луд сум некако

поинаков сум од вас.

 

Препев од српски јазик:

Сашо Огненовски

 

(Од поетската книга „14 24“ на Лука Грбиќ, самостојно издание, Белград, 2025)

ЗА АВТОРОТ

Лука Грбиќ

Лука Грбиќ е роден на 15 декември 2000 година и почнал да глуми во Уметничката работилница „Кесиќ“ кога имал седум години. Како ученик во работилницата, глумел во неколку претстави, а подоцна работел и на телевизиски реклами. Тој бил домаќин на „Глумијада“, првиот меѓународен фестивал на детска драма, одржан во април 2016 година во Детскиот културен центар во Белград. Своето филмско деби го имал во филмот на Милош Аврамовиќ од 2018 година „Јужни ветар“, во кој го играл ликот на Ненад Мараш, помладиот брат на главниот лик Петар. За својата улога во филмот, Лука Грбиќ ја добил наградата за најдобро дебитантско остварување на 53-от Фестивал на филмски средби во Ниш. Лука Грбиќ е и театарски актер на сцените на Белградскиот драмски тетар и Ателје 212. Позначајни улоги во претставите : „Идиот“ (Кнез Мишкин), Вљубениот Шекспир (Шекспир), „Диво месо“ (Андреа), „Во челуста на животот“ (Трокрилниот), „Синот“ (Николас, синот) и др. Режисер е на претставата „Сега не е јули“, по текст на Ѓорѓе Косиќ. Поетската збирка „14 24“ е негова дебитантска книга.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 19

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ