Elementi Logo

АВИОНИ И БРОДОВИ

Backgorund

АВИОНИ И БРОДОВИ

 

Нема ништо поубаво од погледот на авионите во воздух.

 Златната сончева кора на крилата поубава е од комета. 

Авионите се плугови што ораат по непознатото небо. 

Шест недели на гробиштата на бродови во Трогир работевме 

на едрилица и ги гледавме авионите како слетуваат и полетуваат. 

Јасно е дека тие се Ноевата арка на модерниот човек. 

Ни ги разведруваа деновите на мрачната палуба, како 

гиздави циркуски ѕверови обоени во сите знамиња. 

Со едрилица да се преплови Јадранското Море за пет дена 

или петпати да се обиколи светот со механичка птица, 

што е подобро? 

Од воздух полесно се преслушуваат океанските фуги. 

Замислете го Магелан како низ прозорецот од авионот го следи 

својот бродски пат и сфаќа дека го погрешил векот.

 Мирот на шкарпите и маслините не ми е мил како облиот труп 

на авионот што ме носи кон пролетта на животот; срж 

на кокосовиот орев вдолж белиот песочен брег на Бразил. 

Само на единаесет илјади метри од Атлантикот 

гледам дека вселената настанала од големата експлозија на кокос: 

од црната кора се планетите, а белото ткиво е духот на животот. 

Собирање на светлината во некоја островска коноба за мене е 

ништо во споредба со млазните мотори на прекуокеанските летала. 

Засега – можеби подоцна ќе го променам мислењето.



ДА СЕ ОДИ ВО ПАТИКИ ОД 20-ОТ ВЕК

 

Да се оди во патики 

од минатиот милениум 

ме прави доволно тежок 

да ѝ се спротиставам на гравитацијата 

и не ми е жал што годините 

се лизнаа низ одводот на тротоарот, 

а младоста,

таа остана заглавена 

во последниот квадрант 

на 20-от век.

Последниот авантуристички век 

покрај големи убавини, роди и голема грозотија, 

меѓу другото, овековечена 

и на филмска лента.

Тука можеме да ги видиме луѓето 

како одат рака под рака,

 и убијците и жртвите, рака 

под рака.

 

(Од поетската збирка „Собирачи на коски“; издание на ПНВ Публикации, Скопје, 2026)

Препев од хрватски јазик: Славие Ѓорго Димоски

ЗА АВТОРОТ

Томица Бајсиќ

Томица Бајсиќ (1968, Загреб) е поет, прозаист, цртач, графички дизајнер и преведувач. Автор е на пет збирки поезија, на две книги илустрирана патописна проза и на сликовница за деца. Двапати е наградуван со високи национални награди за поезија. Неговите песни и проза се преведени на многу јазици. Се занимавал и со реставрација на уметнички дела, илустрација, графички дизајн и фотографија, а имал и две изложби на фотографии во Загреб („Амазонија дише“ во Културниот центар и „Бразилската прашума“ во музејот „Мимара“). Бил еден од основачите и уредник за пое- зија во превод во списанието „Поезија“ (2004 – 2017), што го издава Хрватското друштво на писатели, каде што како потпретседател за меѓународна соработка организирал книжевни размени со многу земји. Тој е координатор на хрватскиот дел од мрежата „Лириклајн“ (Lyrikline), најголемата и највлијателната светска платформа за аудио и пишана поезија, со седиште во Берлин, Германија. Од 2010 година ја води куќата за дизајн и издаваштво „Друга прича“ (Druga priča). Преведувач е и уредник на пет меѓународни антологии на поезија. Од 2017 до 2025 година бил претседател на хрватскиот ПЕН Центар.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 20

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ