Секогаш предоцна ме стигнуваш.
Или ме оставаш да те барам.
Така се следиме, одвреме-навреме.
Моето родно место,
роден град за туѓинците.
Тврдиот звук – одамна се струполи врз плочниците.
Затоа каменот одѕвонува со насобрана тага.
Над разбеснетата вода
ти си височинка,
едвај дофатлива за детските раце.
Под ридовите,
се огледуваш во небото разлеано,
во месечината што бавно заминува.
И иако си таков,
на странците непознат –
за домашните туѓинци си створен.
Што си сега,
неодамна едно напуштено место,
– република на тишината?
Така се испраќаме,
и се стигнуваме низ времињата.
Се бараме,
во сигурните единици
за мерење на далечината.
Преостанатите редови за Градот
Твоето име се менува кога го повторувам во себе.
Веројатно дамнешните мечтаења те изговараат.
Претстои долг ред,
друг ред спомени.
Па еве, да ја одживеам предрасудата за живеењето со тебе
низ една поема –
во својство на избрана меморија,
во облик на тивко растројство.
Твоето име се изговара како нешто познато,
а истовремено бескрајно далечно.
Успевам да заборавам уште еден дрворед.
Ми останува да ги уништувам и преостанатите редови за Градот.
Само така се вртам кон него.
Нашите фантазми
Кога започнуваат потиснатите биографии,
кога распеано завршуваат,
и кога се сведуваат сметките
– тогаш можеби сме најспоиви.
Приказни, слики и споредни датуми.
Нашите фантазми.
Кој би рекол дека токму овде се случувало тоа.
Ние, всушност, пишуваме врз старите песни,
врз складот на дамнешниот план на Градот.
А оние редови во меѓувреме –
е, тоа е веќе вистинската стварност.
Животот на човекот и на Градот.
Заедница на осамените.
Можеби токму така се соединуваме –
како две ранливости,
како сојузници во болката.
(Од збирката песни „Република на тишината“, издание на ПНВ Публикации, Скопје, 2026)
Препев од црногорски јазик: Славе Ѓорго Димоски
Павле Горановиќ (1973, Никшиќ) е поет, есеист, уредник и редовен член на Црногорската академија на науките и уметностите. Докторирал во областа на теоријата на современите уметности. Автор е на книгите: „Орнаментика на ноќта“ (1994); „Читање на тишината“ (1997); „Книга на привидот“ (2002); „Како мирисаат книгите“ (2008); „Тин Ујевиќ и Црна Гора“ (2008); „Цинобер“ (2009); „Град на полната месечина“ (2014); „Имињата на копнежот“ (2015); „Поезија“ (2017); „Тин Ујевиќ и експресионизмот“ (2020); „Збратимени читања“ (2022); „Хо тел за самци“ (2023); „Linea Prima“ (2024). Неговите дела се преведени на дваесет светски јазици. Добитник е на низа признанија и награди за литература, меѓу кои: „Ристо Ратковиќ“ за најдобра по етска книга објавена во Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија и Хрватска (2009), државната награда „Тринаестојулска награда“ за резултати од исклучително значење во областа на културното и уметничкото творештво (2019), наградата „Вито Николиќ“ за најдобар црногорски лиричар (2010/2011), како и државната награда „Мирославово евангелие“ за најдобро литературно дело во Црна Гора во период од три години (2014). Застапен е во многу антологии на црногорската и екс-југословенската поезија, во антологијата „Нови европски поети“ (САД), во „Антологија на поезијата на словенските земји“, како и во „Grand Tour: Патување низ младата поезија на Европа“ (Минхен, Германија) и други. Бил претседател на Управниот одбор на Форумот на словенските култури и министер за култура во владата на Црна Гора.