Колку грешевме,
слепо по патеките на нашите предци,
рушевме, лажевме и го газевме човекот?
А светот и Земјата и Небото
на дланките ги носевме.
Сите гревови на светот
ги вжештија
нашите стапала.
Човеку,
зошто сме себични?
Казната се нашите очи,
огледала напукнати од страв.
Сѐ уште верувам во Човекот и во Небото.
Под прозорците
сеам семиња на надеж.
Со дланките ги прегрнувам
Земјата,
Небото и морето.
Сѐ уште верувам.
Од тебе и од себе,
Човеку,
никогаш не се откажувам.
Стара фотографија лежи на неговата дланка.
Во чадот од првата утринска цигара
тој ја набљудува, во тишината на утрото,
целата совршеност на нејзината силуета.
На усните сѐ уште ги чита
одамна изговорените кобни зборови:
Те љубам.
Ти си мојот живот.
Никогаш нема да бидам твоја.
И ова утро тивко ѝ шепоти:
Душо, јас веќе не сум целосен.
Го живеам овој живот
зашто сѐ уште те има во мене.
Таа гола жена
беше налет на ветер.
Цел негов универзум.
Остана само оваа стара фотографија
во треперливата рака.
Таа е љубовта што ја памети.
За сите времиња – таа е оган.
Таа жена во него пламти.
Сѐ уште телото и душата копнеат.
Ја привива до себе својата фотографија.
Својата муза.
Песна. Жена.
Ја чува од погледите
на смртниците и љубопитните луѓе.
Во ова лудо вртење на светот
таа е само неговата Беатриче.
А тој е осамен боем и поет.
Препев од хрватски јазик: Сашо Огненовски
Едита Влахов е родена во 1967 година во Шибеник, каде што го завршила основното и средното образование. Студирала на Филозофскиот факултет во Задар. По професија е наставничка во основно училиште и библиотекар-документарист. Работи 30 години како наставничка во основно училиште 30. Пишува поезија долго време. Раководител е и член на Литературниот оддел на огранокот на Матица Хрватска во Шибеник. Објавува поезија на социјалните мрежи, во билтени и онлајн портали. Активно е вклучена во АКУ Жирје и Хрватско-македонската тангента како член и потпретседател. Учествувала на Меѓународни литературни средби и бројни поетски фестивали и собири. Добитничка е на литературната награда „Јоја Рицов“ за чакавска поезија за 2024 година. Како раководителка на огранокот на Матица Хрватска во Шибеник несебично организира поетски вечери во Шибеник. Во подготовка е и нејзина збирка поезија.