Elementi Logo

ТИВКИОТ ПАТ

Backgorund

ТИВКИОТ ПАТ

Колкупати тивкиот пат до Крстот,
колкупати одот со наведната глава,
двојното ѕвоно, кренатата глава,
длабока воздишка и последно збогум.

Уште еден замина, а нас нè има сè помалку,
тажната поворка е сè помала и потивка,
сè постари тела, подгрбавени, чекорат,
и во мирен ред го чекаат својот спокој.

Уморни чекори на црковниот праг,
треперливи раце со света вода
ги прекрстуваат набрчканите, напатени лица,
на старите клупи да го чујат Божјиот збор.

Два-три збора, проштална песна,
солза во окото, на дното црквено липот,
мирис на темјан, свештенички опрост,
за вечен починок – и уште еден замина.

Над темниот гроб тивко се помолуваат,
уште еднаш го слушаат Божјиот збор,
во светиот самрак тажниот собир се растура,
прашувајќи се сетно: кој е сега на ред?

И паѓа мрак, патиштата опустуваат,
напуштено куче останува насред патот,
гледа кон гробиштата и жалосно вие:
зар само тоа остана живо на светот?

 

СТАРИОТ ДВОР

Опустени стари дворови,
веќе никого нема овде,
ниту некогаш ќе дојде,
само старец со солзни очи,
само тој и никој друг.

А толку убаво беше некогаш,
полни куќи, полни дворови,
се пееше, се тагуваше,
се живееше со полн живот.

А што остана од тоа сега?
Запуштени стари куќи,
ниту еден глас не се слуша,
само ветрот го разнесува
плачот на душите дамнешни.

Со што толку сме му згрешиле на Бога
за така тешко да нè казни?
Најтешко му е на седокосиот старец,
кој низ солзи сето тоа го гледа.

Препев од хрватски јазик: Сашо Огненовски

ЗА АВТОРОТ

Младен Трута

Младен Трута е роден на островот Зларин во 1953 година. Основното училиште го посетувал во Зларин и Шибеник, гимназијата ја завршил во Шибеник, а потоа дипломирал на Економскиот факултет во Загреб. По студиите се враќа во Шибеник, каде што основа семејство и работи сè до пензионирањето. Со пишување почнал да се занимава релативно доцна, по наговор на книжевникот Младен Бјажиќ, негов пријател и сограѓанин. Досега објавил две книги со раскази на зларински чакавски дијалект. Песни пишува и на стандарден хрватски јазик и на зларинската чакавштина, но, како што вели, повеќе „за своја душа“ и досега не ги објавувал.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 20

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ