Elementi Logo

ТЕМНИНАТА

Backgorund

ТЕМНИНАТА

Темнината сѐ проголтала, нема сенки, само црнина. Селската светилка ништо не ѝ може, нема кувет. Само себеси се обзнанува. Темнината, недопрена. 

Лежам во креветот, раката ја вадам од под јорганот, да видам дали ќе се пишманам при допирот со мразната ава или се вклучило парното, што ќе ми каже дали повторно сум подранила или минал шест часот, пристојно време за будење. Оти утрото знае да биде скриено зад надвиснатите облаци и да не може да се пробие до доцна или да се поистовети со денот. Наслушнувам, бучи котелот, а на раката ѝ е пријатно надвор. Главата разбудена, мислите разроени. И станувам.

Jа гаснам сијаличката што ми помага да си го минам патот до бањата во ноќните принудни прошетки. Станувам и робата ја симнувам од ченгелот на ѕидот до креветот. Крстот подболува, ама се трпи и одам до масичката да го џурнам првото цигарче додека чекам да зоврие водата за чај. Чај, оти минаа деновите кога стомакот, празен, ми трпеше кафе. Не ми беше лесно, ама си направив умствена замена и првите цигарчиња ги пушам со чај. Така и ми треба кога не внимавав. Нејсе.

Надвор само тенка бледа линија ја дели темнината надве. Не дава да насетиш каков ќе биде денот. Погледот ми се закова на пукнатината која полека се ширеше, светлината си пробиваше пат. Ја туркаше горната темница нагоре, а долната надолу, како кога сонливо се протегнуваме крвта да се размрда, телото да се прокрви, разбуди, да му се придружи на мозокот. Од напорот пожолтува, од она жолто што навестува сончев жар. И продолжува да турка. До мене не допира звук иако во мислите ми дојде јачење, стенкање меѓу плочите темнина. Мора да ѝ е тешко оти полека се менува, станува розова по рабовите како заспаната рака кога полека ѝ доаѓа крвта во неа и сеќава дека ќе може да се мрдне, па се вцрвува, како крв да ѝ набуила, од лутина или од умора и букнува. 

Додека ја гаснев цигарата, успеала да надвладее, да ја истурка темнината и жаровито го осветлува видикот. А пред неа темно, сенка, сенишна. Не ги пробива ѕидовите на куќите, стеблата на дрвата, капијата. Не дава да ги видиш, само ги насетуваш од рабовите. 

И се смирува по победата и нежно му отстапува место на синилото, првин само насетено, потоа сѐ поприсутно. Убавина, спокој. И ги обзнанува куќите, стеблата, капијата. Светот си ја добива ставата, сенката ја снемува. Светнува денот. Јаркото сонце, кога ќе се извиши, заслепува. Не ти дава да гледаш во него. Но, сѐ е на видело, нема таинственост, јасноста не ѝ остава простор. Ја снемува магијата. 

Благодарна што и ова утро го сведочев, си го почнав денот, по мое. Се разбира.

(Од збирката раскази „Да ви кажам право“ во зидание на Или-Или, Скопје, 2026)

ЗА АВТОРОТ

Огнена Никуљски

Огнена Никуљски, професор по шпански во пензија, книжевен преведувач, заљубеник во мајчиниот, македонски јазик. Родена е во Скопје, 1951 година. Студирала и докторирала на полето на шпанскиот јазик и литература во Перу. Долги години, речиси цел работен век, ги подучувала студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Воедно е и основач на студиската програма за шпански јазик и литература. Ги приопштила на македонски делата на многу значајни автори кои твореле на шпански јазик. Колку за показ: Унамуно, Калдерон де ла Барка, Камило Хосе Села, Гиљермо Мартинес, Алан Паулс и многу други. Животот ѝ овозможил да патува, да живее во поинакви средини од домородната и да ги засака разликите меѓу луѓето. Се застапува за рамноправност на сите полиња, за сите. Ги сака луѓето и животните, подеднакво.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 20

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ