
(Кон претставата „Анна“ по текст на Драгана Лукан Николоска во режија на Нина Николиќ, а во продукција на театар „Комедија“. Улоги: Маја Љутков, Благој Веселинов, Саша Ханџиќ и Маја Зеќо.)
Како поминува времето, „Ана Каренина“ на Л.Н.Толстој постанува повеќе синдром отколку недоразбирање во брачните односи во веќе конвенционалниот брачен триаголник. Гледајќи ја претставата по оваа драмска интерпретација на Ана Каренина на Драгана Лукан Николоска ми одлетаа мислите кај еден друг, голем книжевник кој скоро целиот свој книжевен опус го посветил на брачните триаголници, Греам Грин кој во својот роман „Крајот на една афера“ вели: „Неговото прашање ме потсети колку лесно можеше да измами, толку лесно што ми се чинеше речиси како измамник во неверството на неговата сопруга, како што човекот што остава лабави банкноти во хотелска соба измамува кражба, а јас го мразев токму поради онаа карактеристика што некогаш ѝ помагаше на мојата љубов.“ Во оваа драмска интерпретација која го носи името Анна, во руска лингвална верзија, не потсетува на опојниот мирис на тајновистоста во која уживаат сите прекршувачи на брачните правила кои како крадците, мислат дека нивниот план е оригинален и нема шанса да биде откривен. Драгана Лукан Николоска оди чекор понатаму и во својата драма скоро да не обрнува внимание на тоа, затоа што брачниот триаголник Анна – Алексеј В – Алексеј К не се занимаа со конспирацијата на брачното неверство, туку со иднината по неговото преживување. Во режисерскиот концепт на Нина Николиќ актерите излегуваат и влегуваат во публиката, поминуваат покрај неа, се смешуваат со неа. Оваа микро театарска конспирација укажува на убавината на порокот која потекнува токму од нас и завршува со нас. Тоа е „првата точка“ на ова режисерксо видување, а она длабокото понирање е, всушност актерскиот израз кој е примарен во претставата, а кој има за задача да ја донесе внатрешното скалило на љубомората и недоразбирањето. И текстот и претставата имаат суптилен премин од неверство кон второто недоразбирање кое е фатално затоа што страста и промискуитетноста исчезнуваат кога Анаа останува осамена некаде „на друго место“.
Анна во видувањето на Нина Николиќ е постојано „на друго место“, и кога изневерува и кога е изневерена. Тоа е другиот клуч на интерпретацијата на романот на Толстој, едно интимно милје кое совршено лежи во нашата средина и се чини дека тоа е најголемиот квалитет на оваа одлично спакувана камерна претстава.

Маја Љутков својата Анна ја одигрува со една „сигурност“ во себе која е исклучително потребна затоа што би рекол дека тоа е нејзиното одење по жица од која ќе падне и од совршено социјализирана и респектирана жена е постане осамена и непозната личност. Маја Љутков во доста прецизно исцртаниот лик на жена со брачна дамка носи еден мошне интересн хабитус на женска неисгурност облечена во ненаметната стабилност и таа автоизмама од неа ќе направи трагичен лик кој оваа талентирана актерка многу умешно го толкува. Наспроти неа е „лукавиот“ и не добро пресметан Алексеј В. на Благој Веселинов, лик кој својата вљубеност се обидува да ја визуелизира и од неа да направи нова брачна иснтитуција, или можеби само љубовно гнездо, лик кој Веселинов го одигрува со голем шарм и со голема прецизност во својот актерски израз. Реков „наспроти“ затоа што неговата екстравертност е одлично акцентирана спроти сензуалноата интровертност на Анна, релација која ја гради генералната координата на целата претстава. Тука е и ликот на другиот Алексеј, Алексеј К., сопругот на Анна, кој Саша Ханџиќ го одигрува со еден оптимизам кој кога ќе го помножиме со неговата наивност, добиваме лик на ововременски губитник. Секако, овој актер со својата елоквентност во одигрувањето на улогата го поставува неизбежното прашање: вреди ли да се заврши неуспешноста на бракот погоден од „недозволениот“ флуид, или можеби сè е судбина? Тоа дали е сè судбина е во рацете на Лена, ликот кој Маја Зеќо го одигрува со едно многу суптилно резонерство, лик кој драмската авторка го ставила многу мудро за да го добие тој многу потребен катализатор во текстот кој отвора многу прашања за брачната доследност и човечката слабост. Маја Зеќо импонира со тоа чудно резонерство кое се стопува во моментот кога и таа паѓа во мрежата на „лукавиот“ Алексеј В.
„Анна“ е претстава која покрај актерската игра одушевува и со сјајната визуелност, сценографијата која е дело на Илина Ангеловска, а која е одлично вкомпонирана со доминантната црно бела констелација на костимите на Ивана Каранфиловска Угуровска. Генерално, во визуелна смисла, „Анна“ импонира со својата екстравагантност, која од друга страна зборува за контекстуализирањето на неверата во милје кое има слоевита социјална стабилност, но импонира и со музиката на Оливер Јосифовски која со својата динамика совршено го следи дејствието и на сцената делува како петти актер.

Тука ќе споменам уште една сентенца, овојпат од романот на големата Британска писателка Зејди Смит “Бели заби“ која вели: „О, тој ја сака, исто како што Англичаните ја сакаа Индија и Африка и Ирска; проблемот е во љубовта, луѓето се однесуваат лошо кон своите љубовници. Но можеби само пејзажот е погрешен. Можеби ништо што се случува на украдена земја не може да очекува среќен крај.“ Ова е една друга димензија која го назначува самувањето како казна, како проклетство, како бекство во недојдија. „Анна“ е едно сосема друго поимање на страдањето на Ана Каренина во едно време – невреме, но, се чини дека и во времето на Толстој не цветале ружи, но тие тогаш се давале на вистинското место и во вистинското време, па и неверата се плаќала со живот. Во ововременската последователност среќниот крај е илузија која не се согласува да биде ни сон. Се чини дека тој несреќен Пиранделизам е и пакувањето на целиот овој мошне интересен театарски чиин.
Рецензија на Сашо Огненовски
Елементи