Амир Ор – „Дете“
превод Вида Огњеновиќ
ИК „Архипелаг“, Белград, 2025.
Поетската книга „Дете“ на Амир Ор, во превод на писателката и режисерка Вида Огњеновиќ и во издание на „Архипелаг“, со едноставен наслов, разновидни форми и повеќеслојни значења, во себе собира неколку слоја: од конкретниот, автопоетичкиот, психолошкиот, до митско-симболичкиот, религискиот и филозофскиот.
Книгата ја сочинуваат седум поетски циклуси, во кои се наоѓаат претежно песни во слободен стих и неколку римувани; потоа, песни со долг и краток стих, динамичен и бавен ритам; наративни поетски записи без наслов што личат на искинати фрагменти од сеќавања; песни што потсетуваат на хаику, песни во двостих и подолги песни поврзани во строфи. Суштински, книгата ја сочинуваат песни во кои доминира внатрешниот свет и искуството на лирскиот субјект, песни настанати како последица на објективно набљудување на светот и неговите промени, лирски рефлексии од патувања за места од различни меридијани. Поезијата на Амир Ор е поезија на длабоки промислувања, аналитичка, доживувачка и спознајна. Во неа лирскиот субјект се појавува како поединец (јас, тој), но и како заедница (ние, тие); како дете и зрел човек, како припадник на племе, дух што живее во водата, шумата, природните непогоди; како пророк, творец и поет, како патник и осаменик, обраќајќи му се на читателот, на родителите, на заедницата, на човештвото, на самиот себе, на своето внатрешно битие.
Во првите четири циклуси од книгата, Амир Ор поетизирал различни периоди од човековиот живот: пренаталниот, доаѓањето на свет, растењето и зрелоста. Особено внимание посветува на лирско-психолошката ретроспектива на различни ситуации од животот на детето, од перспектива на возрасен човек. Поетот навлегува длабоко, во раното детство и првите сеќавања кога во закрилата на семејството, под товарот на воспитните норми, традицијата и родителските конфликти, под притисокот на нивната претстава и нивните амбиции за животот на нивното дете, настануваат првите гребнатини, сомнежи и кршења во детските души, предизвикувачи на идни фрустрации и трауми што го отежнуваат или оневозможуваат разбирањето на себе и другите, квалитетните партнерски односи, здравата социјализација, емпатичноста. Претераната строгост, нереалните очекувања, крутите воспитни модели по наследен шаблон, а не според индивидуалните потреби; несредените семејни и брачни односи, отсуството на разбирање и вистинска љубов создаваат недоверливо и затворено дете, склоно кон отпор и бунт, а подоцна емотивно гладна и студена личност неподготвена да разбира, прифаќа и сака – и себеси и другите.
Почетната песна „Како душа“ е сеопфатна како мозаик во кој се вклопуваат делчиња – зачетокот и матката, трската и водата, детето и мајката / Сè што е отцепено / копнее да се врати во целината /.
Песната „Разденување“ ја сочинуваат две контрастни строфи во кои доминираат глаголите: идилични и нежни слики на зори, благи движења што сугерираат настанување, траење и го навестуваат раѓањето, почетокот, и драматични слики во кои отсечните, остри глаголи на завршено траење ја најавуваат трагичноста / Оглувевме / ослепевме / станавме / Испаднавме од нашите души во светот /. „Каде си ти“ е одлична кратка песна со обратна перспектива, во која човекот му се обраќа на она дете во себе што, растејќи, го изгубил и кое го бара / Каде си ти малечок / Каде се тие очи што гледаа / секој ден некој нов свет? / Со кого те заменив тебе за ова сега? / До кога вака, дете? Врати се, врати се, пријателу /. Малата кутија во која продира светлина (темната соба или camera obscura е дел од камера или фотоапарат) ја прави песната „Camera obscura“ малку застрашувачка поради природата на т.н. темна соба: дали е тоа соба за казна, или нашето внатрешно битие? Лирскиот субјект на песната „На улица, дете“ ги крши првите родителски забрани со чувство на слобода што ја симболизира светлината / Светлината го победуваше мракот / и мене мракот тогаш не ме познаваше /. Во овој циклус се наоѓаат и две песни во проза; за соочувањето со смртта како искуство на загуба и за детската фантазија во која се појавуваат замислени јунаци, ноќни мори и ирационални стравови.
Вториот циклус започнува со „Идила“, сеќавање на сабат поминат со родителите, во која описот на пристанишниот амбиент и семејната идилa е пресечен со рефлексија / Реката се влева во море што не може да се насити /. Во наративната песна за туѓите сеќавања што со повторување им се всадуваат на децата во свеста / Животот може да се раскаже како приказна, да се создаде од спомени и да се запамети /, лирскиот субјект се обидува да допре до автентични сеќавања предизвикани од различни, пријатни и непријатни сетилни сензации, прашувајќи се: Дали е тоа вистински живот, или вистинити лаги на сеќавањето, всадено сеќавање? Песната „Задолжителна жртва“ говори за детето како жртва на конфликтот меѓу родителските и брачните различности / Додека зборовите паѓаа како дожд врз него и врз нив /. Одбивањето да јаде, да зборува и да пишува домашни задачи е тивок бунт на детето против авторитетот во песната „И сите тие слушнаа“, додека во песната „На распетие“ станува збор за распнатоста предизвикана од спротивните ставови и очекувања на родителите, на што детето реагира психосоматски, со болка во стомакот, грлото и градите. Песната „Се отворија пукнатини на ѕидовите на нашата куќа“ е слика на генерацискиот јаз во кој синот и таткото се како две армии подготвени за битка. Смелата употреба на хипербола ја карактеризира и песната „Мамо“, за детскиот бунт против лажниот морал. „Неиспразнет“ е протестна песна поради одземањето на слободата и правото на избор / кои мојот дух го обликувавте во безобличност // како го снижувавте моето небо / како ми ја закривавте светлината од очите / додека јас не тргнав да барам светилки / како ги изгазивте никулците на моите соништа / додека не ги сокрив дури и од сонцето и дождот // Веќе не уживав ни во будењето на човекот во себе // Стражарев над остатоците од својот свет /.
Во третиот циклус, Амир Ор продира во најдлабоките тајни и првите рани на детското срце: во чувството на напуштеност и недоверба во родителските намери и одлуки (песната „Дете“); во болката предизвикана од триењето меѓу сопружниците, на кое детето е и сведок и жртва, поради што се дистанцира, се брани со молчење и бунт (песната „Бунт“). Стравот од повредување му навлекува оклоп како во песната „Еве ме“, под кој ги крие лузните. И песната „Ти одиш“ сведочи за повреденост и отфрлање, овојпат од спротивниот пол. „Егзорцизам“ (изворно, истерување дух) и „Прогонет“ сведочат за наследениот модел на однесување, наметнатите норми, дури и оние што нанесуваат болка. „А ако отворам“ го опева стравот од љубов и доверба. Песната во проза „Зборови“ заклучува дека зборовите се и сила и товар.
Четвртиот циклус започнува со песната „Одраз“ во која човекот се враќа во минатото барајќи го својот идентитет, зошто станал таков каков што е. Темнината во песната не е од физичка природа, туку неговата внатрешност / Во огледалото на темнината / го открива своето лице / и гледа /. Во песната „По моето враќање“, му се обраќа на детето во себе со желба да го прифати своето внатрешно битие / Ми го подаде своето срце и јас го прифатив /. „Простување“ говори за помирувањето и љубовта меѓу мајката и синот. Записот „За раѓањето“ и лирската минијатура „Од почетокот“ го симболизираат она првобитното и оностраното во нас, нашиот темен, непознат дел. Песните „Кога ќе тргнеш“ и „Во шумата“ ја разгледуваат симболиката на смртта. „Рај“ е поетизирана библиска легенда за Адам и наследениот прв грев. Песната „Во кафуле“ говори за партнерските односи, „Каде“ за умирањето на страста, а песната „На морскиот брег“ за болката.
Петтиот циклус „Пердуви“ го сочинуваат песни настанати на патувања низ Израел, Европа и Азија. Со поезијата Амир Ор обединил географски точки оддалечени не само просторно, туку различни и според природата, духот, религијата, филозофијата и културата на живеење. Поетските минијатури за Белград, Пекинг, Тел Авив, Цетиње, Џајпур, Златибор, но и за љубовта и мирот, се плод на поетовото доживување на местото во кое допатувал или се вратил, предизвиканите асоцијации, доминантните мисли. Патувањата се составен дел од неговиот живот, а пределите во кои престојувал, без разлика дали се тоа безимени брегови или оној на езерото Чионгхаји, ги множат неговите размислувања и прашања, му го збогатуваат внатрешниот живот и го поттикнуваат на создавање.
Шестиот циклус се вика „Од почетокот“, како и песната од четвртиот циклус. Го сочинуваат песни на размислување, за првобитноста (на човекот, религијата, духот); за потеклото, трагањето по суштината на битието во утробата не само на мајката, туку и на светот; песни за природата, за женскиот принцип (Anima), за Почетокот. „Песна на племето“ и „Ловечка песна“ имаат елементи на анимизам, митско и ритуално својствени за племенските заедници. „Евангелие според Теофил“ (Теофил на грчки значи љубител на Бога) е предвидување на крајот на светот предизвикан од индустријализацијата, технолошките револуции и супер-оружјето / Тие одгледуваат печурки / од зимата на своите соништа. О, какви печурки! / Толку големи и убави атомски цветови // И ќе дојде огнот и неговиот здив ќе ги изгасне / сите куршуми, печурки и нафтени пожари / Ќе гори огнот сè додека Земјата не заборави дека ја викаат топка // И Бранот ќе ја покрие како со покривка / за да потоне во долг сон на заборав /. Песната „Врати се“ го повикува човекот подеднакво да ја почитува природата како што таа го почитува него / Дојди да, со поклон, ја симнеме шапката пред / секое живо суштество и секое дрво /. Таа е говор на љубовта, еднаквоста и единството меѓу луѓето, со природата, човештвото, светот / Нема да заборавиме од каде сме дошле / а ќе се потсетиме и каде сме тргнале /. Во сведената „Љубовна песна“, вистинската љубов е доживеана како целосно поистоветување со онаа што ја сака / својата природа ја приспособувам / на сè да гледа / низ твоите очи /.
На почетокот на последниот, седми поетски циклус „На тркалото“ е песната „Во темната соба“ од десет строфи што започнуваат со истиот стих / Во темната соба /, со што се нагласени нејзината идејност и ритам, и продлабочено читателското доживување. Тоа е спознајна песна, за поетовото соочување со сопственото јас, минатото и искушенијата, еросната и деструктивната природа, творечкиот потенцијал, но и сомнежот. Циклусот и книгата, само привидно, ги завршува песната „Бранови“ / Каде тргна, песно моја? / Ниеден бран никогаш не завршува / Сè доаѓа и си оди, нека му е слава на морето /, која најавува нов почеток, зашто песната, како и бранот, како и морето, е непроминлива и вечна.
Книгата „Дете“ е врамeна со песни за водата: „Како душа“ / Седејќи покрај водата / се наведнува преку работ на светот / и „Бранови“ / Седам сам, крал сум на брегот / Не ми е грижа за ништо, брановите шумолат /. Водата, морето, брановите се мотиви и во песните „На тркалото“ / Одговори ми, морето голта бран по бран; / Што значат тие патувања што без брегови траат? / и „Како што се сеќавам“ / На осамен брег ослушнувам // Кој ја набљудува длабочината? /. Водата е еден од четирите основни елементи. Таа е со двојна природа, симбол на чистота и плодност (сè настанало од вода), но и на промена и тајна. Морските бранови симболизираат внатрешни немири и несвесното во човекот, спокојство и творечки порив. Како непрестајно движење тие ја претставуваат минливоста, но и новиот почеток.
Освен водата, чести мотиви и симболи во оваа книга поезија се светлината, огледалото, птицата, трската, мракот, крвта, небото. Од чувствата највпечатлива е болката; од стремежите смирувањето, од сите неминовности минливоста, а од сознанијата, верата во вечното движење и промена. За феноменот на сеќавањето во поезијата на Амир Ор би можел да се напише посебен есеј. Сеќавањето е мотив, но уште повеќе, поетска постапка, своевидна лирска психолошка ретроспектива на животот на лирскиот субјект, особено присутна во првите циклуси на книгата. Тоа е ретроградно движење, патување во минатото низ свесни присетувања (што, кој, каде, кога), низ магливите предели на сеќавањето сè до самата зора на животот во која настануваат првите впечатоци, несвесното, темелот на она што сме, на сè што е во нас. Во таа смисла, последниот циклус „На тркалото“ е поетов завршен збор, но и вовед во ново творечко поглавје.
Книгата „Дете“ има драмска концепција, како според изборот на песните, така и според нивниот распоред кој има свој тек; вовед, точки на заплет, кулминација и смирување, своја Длабочина на Тишината. Песните на Амир Ор се навидум едноставни по кажувањето, на говорен јазик. Но, тие се искинуваат од темни страсти и длабока чувствителност. Плод се на размислување и искуствена мудрост. Низ нив проговорува поетовото сестрано образование, духовноста, но и целосната опседнатост со зборовите. Неговите поетски слики често кореспондираат со митолошки претстави, религиски учења, но и со секојдневниот живот. Некои слики се драстични / Во моите гради изранети од трње /, бизарни / Гледам низ очите на мајмун / Додека во крошните си играат со мојот череп /; некои таинствени и самозапрашани / Јас и уште едно јас доаѓаме и си одиме, каде? /. Едни се омаж на Убавината (песната „Набљудувајќи ја статуата на Антиној“); други на внатрешниот мир / Висината е длабочина / а во длабочината на тишината / сите духови уште повеќе се смируваат /. Повеќето бараат посложено толкување – митско-симболичко, психолошко, антрополошко, метафизичко, религиско.
Амир Ор е луциден поет, со јасен ум и продорна мисла. Визионер, оној што секогаш е пред другите, загледан во небото, но уверен дека одговорите често се наоѓаат со враќање назад и слегување на дното. Сензибилен, сонувач склон кон немири на кои не им го знае името, но ги скротува со поезијата. И сочувствителен, со изразен нерв за правда, слобода, вистина. Како интелектуалец е склон кон сомнеж и анализа, детето во него кон животна радост, космополитот кон отвореност на срцето и умот, а како вистински творец има вродена способност да гледа со внатрешен вид (и со очите на другите), дарба на откривање, храброст и потреба да се соочи со мракот, сепак избирајќи ја светлината / Во темната соба се одвоив од својот одраз / го сонувам своето лице однатре / Во огледалото на темнината ја открив светлината... / И гледам /.
Превод од српски јазик:
Сашо Огненовски
Жељка Авриќ е родена 1964 година во Бања Лука. Дипломирала на Филозофскиот факултет во Нови Сад, на катедрата за југословенска книжевност и српско хрватски јазик. Живее и работи во Сремска Митровица. Пишува поезија, литературни прикази и есеи. Објавува во списанија за литература, уметност и култура. Нејзините песни се преведени на унгарски, руски и бугарски јазик. Член е на Друштвото на писателите на Република Српска и на Здужението на писателите на Србија. Добитник на повеќе книжевни и општествени награди. Објавени стихозбирки: Портрет 2001; Ѕвездарница 2004; Маргиналии 2013; Временик 2014; Сум, 2016 година; Жедувам, 2018; Сонетни броеници (со писателот Ранко Павловиќ) 2019; Песната е нејзиното второ име (избрани љубовни песни) 2020 година; Несоница (во ракописот наградена со наградата „Гордана Тодоровиќ“ во Сврљиг) 2021; Насушниот (наградена со прва награда на Дринските книжевни средби во Зворник) во 2022 година.