Кога ме побара да ги симнам скалите на љубовта,
јас се спуштав по нив една по една
со зглобот на ногата што ме болеше,
држејќи се за дрвените огради
за кои сонував да бидат од костен.
Ќе беше добро да знаев да се стркалам
или ти да ми дадеше едно туркање…
Ќе ѕвечев малку како празен бакарен сад,
потоа коската ќе ми се обновеше за неколку месеци
и немаше вака лошо да се влечкам:
со извиткан зглоб на ногата,
со светла заборавени запалени таму горе,
право кон мракот на патот
без една ѕвезда.
Не изусти ниту збор,
зашто јазикот ги имаше своите многукратни гревови.
Низ ноќите го слушав шушкањето на залепените кожи
и неговите молитви за мене.
И денес, додека пишувам
осамена во мојот агол,
чувствувам како се лизгам по истиот снег
што го газевме двајцата таа зима,
како пак трчам во поветарецот на маалото на Ромите,
каде што ме водеше вечерите и ние се сопнувавме
на остатоците од радоста што ја имаа тие,
на остатокот од скитничењето што доаѓаше од
нивните далечни мртви...
И денес го мрморам истата песна,
го раскажувам истиот расказ на Булгаков,
им давам исти имиња на овошја на кафеаните,
исти карикатури на девојките на кои до смрт им завидувам...
(Го слушам како се моли тивко за мене...)
Пак ми доаѓаат на ум соништата што ги бев врзала заедно
како стари писма
и не ме плаши ниту еден пекол.
ДО КРАЈОТ НА ОВОЈ ПАТ
Сме два весника
згужвани во куп
во раната на вечерта.
Ѕвоната отѕвонија.
Да одиме до крај на овој пат
додека имаме здив.
Слатки цреши да обесиме на уши,
очи и коса,
златни зајдисонца да откинеме и во кошница да ги ставиме,
полубудни да спиеме само да речеме дека спиевме,
од инает на стоговите на осаменоста.
Полубудни, без сосема да го изгубиме овој ден,
ти свирни ја таа песна со чемпреси и мастило,
јас ќе го држам ритамот, заковен во твоите зеници..
Солзите немаат како да дојдат и да го изгаснат
огнот што им го палиме на стоговите на осаменоста.
Запревме. Овој пароброд повеќе не се движи.
Од далеку ги гледам градовите низ кои поминавме
и го цртам копнежот со слободна рака.
Ги гледам светлата како се гаснат едно по едно.
Сега сме далеку од секоја можност да го допреме прекинувачот на некоја,
а всушност никогаш немавме своја светлина во некоја соба.
Нам ни се паднаа само јавните улични светла,
кои изгледаа како да се подигнати на прсти.
Овде е крајот.
Паробродот запре.
Ни жар, ни робови, ни патници.
Ова не е нашиот најдобар миг,
избегавме од не знам која книга по историја.
Таму далеку во градовите се раздени.
Некое срце трепери.
Некој сонува да стигне тука каде што сме ние,
некој кој нема да мари за шините.
Остави ме да те сакам како што сакам,
како што можам,
со сите чешми на чувството прснати.
Славините ме гризкаат,
брзите реки се мојата уметност,
моето необуздано чувство.
Остави ме да те сакам како што сакам,
со сите песни на болката што ги знам.
Филозофите ме drobat со својата бритва,
јас го сонувам осамениот рапсод.
Те гледам како седиш склопчен во грутка земја.
Се плашиш да не те зафатат пламењата што ги пуштам.
Си ги скрил очите, рацете, срцето
и веруваш дека си испарен,
како детето што е сигурно дека исчезнува кога ќе ги затвори очите.
Мене ме голта огнот.
Ми паѓаат гредите една по една.
Ми согоруваат до пепел желбите пред носот.
Од ребрата грми завивање:
Остави ме да сакам.
Остави ме да те сакам како што можам,
како што знам.
Со љубовите на сите жени заедно
што не се осмелија да те сакаат,
со детскиот сон на девојчето што
се тресеше од страв да не му го открие присуството.
Остави ме да те сакам со налетот на реката што брза да ја допре смртта,
со бездната на оној што штотуку напуштил град,
со нежниот допир со кој допираме штене,
со лудоста на оној што скока од седмиот кат,
со копнежот на оној што се враќа...
Остави ме да те сакам и да верувам дека си бил тука наоколу
додека спиев.
Остави ме да те земам и да те однесам во краишта каде не си бил,
каде што нога на маж сè уште не стапнала.
Не дека требаа крилја за да се оди,
туку затоа што немаа сила да сакаат повеќе
и не не оставија ни ние да ги сакаме.
Остави ме да те сакам како што сакам.
Препев од албански јазик: Лулзим Хазири
Вјолца Бериша е родена во Приштина во 1983 година. Предава албанска книжевност на Универзитетот во Тетово. Докторирала од областа на книжевноста на Универзитетот во Тирана. Ја води издавачката куќа „Syth“. Авторка е на неколку научни и книжевни книги. Објавува статии и студии во научни и книжевни списанија. Живее во Тетово. Објавени дела: „Në xhep kam një botë“ („Во џебот имам еден свет“), поезија, „Albas“, 2005 „Shekulli im i Kadaresë (gjeneza e frymëzimit dhe model i ligjërimit)“ („Мојот век на Кадаре (генезата на инспирацијата и модел на дискурс)“), монографија, „Albas“, 2018 „Matanë s’ka harrim“ („Од онаа страна нема заборав“), поезија, 2021 „Poezia shqipe e Maqedonisë së Veriut“ („Албанската поезија на Северна Македонија“), монографија, 2023 „Brenga e breshkës“ („Грижата на желката“), книга за деца, 2024 Живее во Тетово.