Elementi Logo

КОШУТИТЕ ПЛАЧЕА БЕЗ РОГОВИ

Backgorund

КОШУТИТЕ ПЛАЧЕА БЕЗ РОГОВИ

 

* * *

 

Женските деца ги тлеат огновите,

кога се именуваат предизвикуваат пожарите.

Издлабени се репите и тиквите,

држат свеќа, го осветлуваат мракот.

 

Женските деца се раѓаат од дупките,

вештерките ги разнесуваат по куќите.

Гладот е тој што останува пред вратата,

пламен што незаситно голта.

 

* * *

 

Селото ја почитува Ноќта на младата месечина,

затапено црно небо.

Селските жени имаат долги игли,

ги забодуваат во земјата создавајќи атлас од ѕвезди.

 

Наутро селото се собира околу шумите од игли,

бојното поле кое упатува на иднината.

Овојпат нема да има женски деца,

ќе го закопаме обредниот елен во чест на бог.

 

* * *

 

Кога српот ќе го засече небото,

Мажите ја задлабуваат ораницата.

На сред неа се сложуваат како плотови,

Синовите, жените, па ќерките.

 

Од шталите доспева, силно како бура,

Топот, џагор, ‘ржење на коњи. 

Крошните стенкаат, грмушките лелекаат,

Им се кршат гранките од насилниот ветер.

Оддалеку, со елен на грбот,

Оплакуваат старешините вомодори.

 

Оваа земја е обилно гноена,

Гние со нашата накаженост.

Под нозете наши, со бели корења, 

Никнуваат напуштените селани.

Кога ораницата ќе заживее во доцна пролет,

Нивните коски израснуваат како плевел.

 

(Од поетскста збирка „Кошутите плачеа без рогови“ во издание на Хрватското друштво на писатели, Загреб, 2021.)

 

Препев од хрватски јазик:

Сашо Огненовски

 

ЗА АВТОРОТ

Денис Ќосиќ

Денис Ќосиќ (Карлсруе, 1996) е магистер по менаџмент на човечки ресурси и е консултант во областа на подготовка и имплементација на проекти на ЕУ. Основно и средно училиште посетувал во Пожега. На Поетските средби во Дреновци во 2018 година, ја освои наградата за необјавениот ракопис „Неонски бог на омразата“. Збирката беше наградена со Повелба за успех на Деновите на Јосип и Иван Козарац. Во 2019 година, ја доби наградата „Горан за млади поети“ за неговиот необјавен ракопис „Црвено пред самрак“. На Квириновите поетски средби во 2022 година, ја доби наградата „Мал Квирин“ за збирката „Срните плачеа без рогови“. За истата збирка, ја доби наградата „Духовно храшќе“ на Поетските средби во Дреновци, а таа заврши и во финалето на наградата „Камов“. Ја доби третата награда на Хрватскиот народен театар во Мостар за драмскиот текст „Добредостојниот среден век“. Во текот на 2024 година, објави збирка поезија „Панонска готика“, ја доби наградата „Vinum et poeta“ и, во соработка со поетот Ѓорѓе Симиќ, подготви антологија на регионална квир поезија насловена како „Рушење на четири ѕидови“.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 22

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ