Треба да забавиме, Господе
сè брза кон својот крај
сè умира во грмушки суштини
сè се крие во величествена немоќ
Во човечките јадра мувлата мирно се храни
животот наш веќе не е наш
сенките на невидливата закана се издолжуваат
нè допираат со несвесен здив
нè туркаат во аголот на нашето постоење
Вечерите не се вечери
ниту зорите се зори
туку жолти облаци, земјини зинувања
Ноќите не се ноќи
туку купишта самотии свиткани во фотељи
ниту деновите се денови
туку незабележливи брзања на лентата на времето
Треба да забавиме, Господе
длабоко да ѝ дишеме на цветот
во саксија од земја испечена цврсто од сонцето
со врвови од прсти да ги допреме најмилите
повторно да ги почувствуваме блиску
толку блиску за да го испиеме
сиот нектар на постоењето
сиот жар што го претставува човекот
Треба да забавиме, Господе
повторно да ја почувствуваме пареата од чајот
чукањето на срцето на денот
душата на заборавените предмети
чекорите на самотни доаѓања и заминувања
Треба да се водат белешки
треба детски да се нацрта еден друг свет
со корен во срцето на денот
со гранки во рабовите на вселената
Треба да се прислушкува дишењето на другиот
зашто животноста на битието бара тишина и молк
Треба да забавиме, Господе
додека сонот се спушта како вечер врз дрвјата
невини раце се спуштат како млади гранки
време е да ги собереме светулките на надежта
радосно занесени во нашата игра
во темнината на вилите
во таа вечна вселена на човечки бајки
зашто сè мора да се почне одново, Господe.
Не знам
можеби работите се повторуваат со величественост
зашто и времето си има своја слаба точка
Кајсијата ја нема
јас останав со горчливиот вкус на тутунот
додека ги редам ридањата една врз друга
Суровите времиња не оставаат место за убавините на здивот
зашто со себе влечат тегоби на мракот
на средновековната ноќ што нè прегази низ генерации
А цвеќињата се тука
како души што никнуваат во свежите вечери
Секогаш кога се обидувам да го создадам времето одново
прстите ми пукаат како зрели плодови
Ах колку ми треба онаа мудра тишина
за бесконечните разговори за јажовците на времето
за свежо покосената трева што се сушеше навечер
за разновидните цвеќиња што ноќе муабетеа со месечината
Да ги фатиш мигновите е како да ги фатиш светулките
Никогаш не е само мрак
никогаш не е само светлина
Животот е верверица што се провира низ ноќта
можам да продолжам уште тато
да редам други убавини
на кои ти им даваше смисла како едно сонце
УМОРЕН СВЕТ СЕ ОТКИНУВА ОД СТУДОТ
Остро сонце се оцртува низ магла
Мојот син уште спие додека ми ја стега раката со својата ситна рака на патот кон училиште
откако му ја ставам маската ме поздравува на албански со англиски акцент
Пред мене е кафето и полека го сркам
како универзумот мистериозната темна материја
Денот е битка на светлината со црното
со стравот од впивањето од црната длабочина
што носи со себе стотици имиња
Луѓето веќе се разбудени и зујат егзистенција
Лесно ги допираат алгоритмите
бинарниот систем на битието
Светот веднаш се појавува во HD со негувани слики
Естетиката на денот започна
Погледите, сликите се нагласени
Вести насекаде и чад од досада
Светот сè повеќе се пегла
сликите блескаат врз грубоста на предметите
Еден уморен свет се откорнува од карпите
Едно бинарно совршенство се искачува по врвовите
на човечката осаменост
Додека го сркам утринското кафе
длабоко ја чувствувам топлината на ситната рака
како стопено сонце по моето битие
Препев од албански јазик: Лулзим Хазири
Бардул Заими е роден во 1970 година во с. Слатина, Тетовско. Над 20 години работел како новинар и уредник за култура во различни медиуми, печатени и електронски. Неговото литературно творештво опфаќа период од над 30 години. Објавуван е во различни културни и литературни списанија во земјата и во странство. Во 2004 година ја објавил својата прва книга со есеи, насловена „Fuga e fjalëve“ („Фугата на зборовите“), а во 2008 година втората книга со есеи, „Violinat e vjeshtës“ („Виолините на есента“). Во 2017 година ја објавил својата книга со поезија и раскази, насловена „Dorëshkrime prej ajri“ („Ракописи од воздух“). Исто така, во 2018 година ја објавил студијата „Paradigma e kritikës së Kutelit“ („Парадигмата на критиката на Кутели“). Во 2020 година ја објавил книгата со есеи „Diskurse të pambaruara“ („Недовршени дискурси“), а во 2021 година книгата со есеи „Britma pa zë“ („Крикови без глас“). Во 2022 година ја објавил книгата со раскази и поезија „Avlëmendi i pritjes“ („Разбојот на чекањето“). Низ годините бил дел од многу дебати за културниот и литературниот живот, а и натаму објавува есеи, книжевна критика и поезија во медиумите во земјата и во регионот.