Elementi Logo

Кормило

Backgorund

Кормило

Збрчкана круша и јас
лежиме на испотена перница
и двете имаме широки набрани колкови

Испукани капилари
ми цртаат на зглобот рибји опашки
На прамецот на триаголната болничка соба
се обидувам да го завртам закоравеното тркало
кое некогаш било чешма

Гмечено овошје и јас
седиме на прозорецот
со дождот од олукот
ги тушираме тегетните бутови

Нѐ сечат на половина
Низ кожата штрчат жили
како прегорени бакарни жици
Од средината ни искокнуваат
суви семки
од кои ништо нема да израсне.

 

Конзерва

Не миј ја косата пред нешто важно,
малер е,
велеше баба ми

Пред поаѓање
другарката со шилести виолетови нокти
плукна трипати
против урок

Кога важното не успеа,
додаде дека треба да продолжам со нормален живот
и да му се посветам на цвеќето на терасата,
според нејзиното мислење,
одамна мртво

Попладнето ги измив шишките
купив сардина
ножето од капакот го ставив во сандалата
и продолжив да одам

Шарите од пластичниот ѓон
исцртаа зад мене по тротоарот
бордо арабески

Луѓето на станицата
сега беа тесни лигави риби
од нивните стрелести крлушки шушкаше:
Не беше способна да создадеш живот.
Ниту во саксија.

 

Надвозник

Под тебе чекаат жени во мрежести чорапи, желни за кифли што ги кријат во градникот.
И трансформатори кои бревтаат со метални стомаци.
Во исто време имавме температура. Ти од автопатот, јас од расправијата во кујната.
Тролејбусите ти ги пресекоа гласните жици. Графитите и пијаните возачи ја излупија сината боја од оградата.
Кога пораснав, ја обоив косата во истата нијанса, за да личам на тебе.
Од твоите раменици скокнав на хаубата на еден автомобил.
И се одвезов на југ.

Џог

Го прашуваат зошто си оди од станот на мајка му, кој не го плаќа.
Таму одам како да имам топка во колената,
вели и ги отвора огласите

Наоѓа простор на чиј ѕид
влагата исцртала машки полов орган

Пред зградата старци тркалаат метални топки
обидувајќи се да ги доближат до најмалата

Долго им ги набљудува шарките од пот на вратот
и зглобовите сраснати со ластикот од чорапите

Кога ќе се разотидат, оди на теренот мокар од дожд
Зема банкнота со која може да купи запалка
и ја суши на клупата

Дамката на ѕидот ја преправа во облик на кофа за полевање цвеќе
Со боќарска топка под главата навечер лежи на подот
и ги испружува олеснетите колена.

 

Нуркач

Платанот покрај плажата е гол. Како и јас во дрвениот тоалет што мириса на мачкина урина.
Избирам зелена кеса за ѓубре. Ја облекувам наместо шорц за капење.
Од бакенбардите кршам слана. Влегувам во замрзнатото езеро.
Нуркам до другиот брег.
Таму ме чека голема птица на една нога.
Се плашам дека ќе посакам да скокнам од врвот на градилиштето, ѝ велам.
Првпат го изговарам тоа наглас.
Ѝ го тргам закоравениот песок од пердувите.
Од отпушоците во плиткото правам чепови за уши.
Подготвени сме заедно да ловиме под мразот.

 

Препев од српски јазик:

Сашо Огненовски

ЗА АВТОРОТ

Милена Илиќ

Милена Илиќ (Белград, 1978) Дипломирала книжевност на Филолошкиот факултет во Белград. Пишува песни и кратки раскази: збирката песни „Среќна микро жена блуз“ (Поезија, 2009), една е од авторките во збирката за млади „Простор за воденото куче“ (Културен центар „Град“, 2014), нејзините песни се наоѓаат и во збирката на неколку автори „Автопортрети“ („Центар за младинска креативност“). Расказот „Врбопук“ е објавен во неделникот „НИН“ (2014). Учествувала на фестивалот на поезија во Полска (Винцборг) организиран од списанието „Побоча“, на кој се содржани нејзините песни. Преведувала раскази од македонски јазик за литературниот фестивал „Крокодил“, како и за неколку литературни списанија на македонски јазик. Во 2016 година, учествувала на литературниот фестивал „Друга приказна“ во Скопје, како писателка и преведувачка од македонски јазик. Од 2016 година, активно преведува поезија и проза од македонски на српски јазик во соработка со издавачката куќа „Трет Плоштад“ од Белград. Оттогаш, објавил седум книги преводи. Соработува со европската мрежа за литература „Традуки“. Нејзините песни се објавени во литературни списанија: „Полиња“, „Човек-часопис“ и „Чекори“. Од април 2025 година, ја посетува работилницата за пишување поезија на Звонко Карановиќ. Нејзините песни се објавени во збирката „Дисторзија“ (ППМ Енклава, 2026).

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 19

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ