Elementi Logo

НЕ Е ДО МЕНЕ

Backgorund

НЕ Е ДО МЕНЕ

Не е до мене да ги смирам бурите,
не сум силник со жезол во раката.
Не можам да собирам парчиња стакло,
ниту имам бродови во воено пристаниште.

Не е до мене да ги скротам громовите,
не сум кратер што огнот го жари.
Не можам да ги поместам ни небото ни сонцето,
не ме чуваат пци стражари.

Не е до мене да ги терам ветровите,
немам благослов од Божји пратеник.
Не ги кријам своите одаи од погледите,
немам ни кули со широки видици.

Не е до мене да ги топам снеговите,
немам змејови со седум глави.
Не ми свети патека сред темнината,
мојата крв не е ни света ни сина.

Таков сум – сиромав трубач, гласник, ете,
само мало, кревко и немоќно суштество,
и чудно дете на земјината кора.

Покријте ме кога ќе заминам со трева и грмушки,
дарувајте му ги на морето моите алишта и партали,
а моите свирала фрлете ги в трње.

 

НЕНАПИШАНА КНИГА

Можеби е најдобро никој да не проговори,
едноставно бесмислата да лелека во тишината,
најдобро е да се чека скриен под наметка,
со прекрстени раце и гневни мисли
во ноќта кога сè замолкнува, заспива и сонува.

И најдобро е кога никому не му е криво,
кога ќе исчезнат сомничавите и ќе пристигнат пророците,
или кога по тапетите во шаренилото на боите
ќе потечат реки и ќе донесат некоја нова убавина
со расцутени дрвја и цвеќиња.

Не гледајте во мене, не прашувајте што би сакал јас,
ниту сум пријател, ниту непријател,
доволно ми е моето лудило,
не ми требаат вашите утехи и пароли,
не барајте ја ниту круната на моето ветување.

Можеби е најдобро да се живее со вештината на машините,
да се проговори дури кога лисјата ќе пожолтат на земјата.
Правдата ќе стигне или нема да ја има,
нешто ќе се случи во крошните на дрвјата,
можеби пријото црцорење ќе ја разбие тишината.

И пак никој ништо нема да знае.
Некој повторно ќе биде голем, некој мал,
ќе ги крие своите вештини за никому да не му биде криво,
ќе плови по реката без чамец, само со весло,
и ќе ги набљудува боите во студеното зазорување.

Исчезнувањето е ненапишана книга,
песна без широчина на духот и без мирисна материја.

И не треба да се прашува дали сето тоа има смисла,
кога бистрината на сликата зависи од осветлувањето,
од боите што паѓаат од небото,
додека кристалите пукаат при допирот со земјата
покриена со трева и мов.

Препев од хрватски јазик:

Сашо Огненовски

ЗА АВТОРОТ

Никола Урукало

Никола Урукало е роден во Шибеник на 20 јуни 1955 година. Новинар е од 1980 година. Оттогаш работел или соработувал со печатени и електронски медиуми (Шибенски лист, Слободна Далмација, Панорама, ТВ Шибеник, Радио Ритам). Последните 16 години работел како водител на програми, новинар и уредник на неколку емисии на Радио Ритам. И понатаму е активен како водител и модератор на голем број јавни настани, манифестации и хуманитарни случувања. Пишува поезија долги години, но главно од лично задоволство и како хоби. Член е и долгогодишен секретар на Лајонс клубот во Шибеник, како и член на Управниот одбор на Хрватско-македонската тангента. Носител е на Плакета на градот Шибеник.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 21

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ