Одделно собираме букет цвеќе
По сеќавање.
Береме презреани чашки. Стегаме
Тупаници.
Се среќаваме на средината на распукнатиот
Кревет.
Од двете страни разделени со расчекор
Во процепот.
Ти стануваш вијадукт, јас твојот пешак
Преку жицата.
Носам роза меѓу забите. Ти го носиш нејзиното
Ѕвоно.
Оваа средба
Ја нарекуваме дом. Не стоиме
Меѓу прстите.
Не гледаме надолу. Нагоре. Никаде.
Слаба
Светлина допира низ прозорецот.
Расипана светилка
Прска во нашите две сенки.
Тесна пукнатина
Зима, пред вратата.
Подоцна се јавува само во неколку
Замрзнати слики во сеќавањето:
Мраз собран во шилец,
Нишани во бетон.
Надстрешница разбушавена од иње.
Летна глетка на улицата:
Низа благи кривини.
Уличните столбови се издигнуваат од крошните.
Ѕвонарата на раскрсницата клечи.
Наспроти сè — небото.
Тајната е во тоа
Што може да собере наумот.
Однос и подготовка,
Повеќе страни и фактори за да се
Пронајде значењето.
Така нештата
Добиваат облик
На архетипски слики, и уште повеќе.
Тие првично се невидливи.
Или не постојат.
Под сè — земјата.
Дури подоцна, значи,
Од главата на момчето
Една слика се јавува со ѕвонење.
Облаците се раздвојуваат во зракот.
Паралелно,
Пукнатината во бетонот е подготвена
За спојување.
Гаргамел
Баба го мешаше презимето
На режисерот
Со презимето на идниот
Претседател.
Сината печурка на автобуската постојка
Се лупи на слоеви ‘рѓа.
Косите капки дожд кружат во лет.
Над главата татни.
Улицата пред него се губи
Под надојдените поточиња.
Неколку дупки во асфалтот
Создаваат микросвет од мравјешки океани.
Гуми за џвакање и догорчиња. Куп чевли.
Искинати налепници.
Чкртаници со фломастер.
Лапавица.
Од некаде се шири мирис
На мокро куче.
Облеката им испарува.
Се туркаат под печурката.
На секого му е едвај над половината.
Од време на време ќе ги заплисне
Некој што минува.
Возвраќаат со пцовка.
Повторно мисли на штрумфовите.
Откако му рекоа дека тоа е печурка,
Мислата за неа го прогонува како Гаргамел.
Понекогаш го плашат нелогични нешта.
Она што не може да го поврзе
Во јасна целина.
Кога возрасните зборуваат,
Невнимателно.
Еднаш ја праша мајка си
Од каде тоа така се вика
Оној град,
Кој во последно време
Премногу често го споменува.
Прилепен до неа,
Срка со цевче
Кола со шеќер,
Ги вовлекува образите. Трепка.
Таа седи, пие кафе
Со другарка.
Му рече дека никогаш не
Спомнала
Таков град – дека тоа не постои.
А тоа што нему му е чудно,
Тоа е негов проблем, зашто го нема,
Ниту градот, ниту кој било во него.
Да не ја прашува за такви работи.
Да не мисли на тоа.
Самохраните мајки сами си ги хранат
Своите деца.
Сега замислувај валјак.
Голем жолт валјак бавно
Се движи по улицата.
Еднаш го праша вујко си
Што се тоа порнофилмови.
Овој на другарите
Им раскажуваше со пиво
Неколку многу важни, би се рекло,
Неколку сочни детали од тоа.
Сите дуваат низ усните.
Сите имаат лица
Какви што не разбира.
Иако сепак процени
Како може да го праша.
Дека не е срамота.
Му рече: кога ќе пораснеш.
Сам ќе дознаеш.
Ќе видиш кога ќе дојде време.
Ја сменија темата.
Сè во тоа беше нејасно.
И како се смеат.
И кога ќе го погледнат.
Она што го шепотат.
Тоа потоа го збунува.
Од каде да почнеш?
Што сега да замислуваш?
Додека да пристигне автобусот,
Баба веќе одамна ја режира
Судбината на државата.
Името на претседателот
Има јасни одредници.
Тука се знаеше за што се зборува.
Што се мисли на таа тема.
Немаше никакви проблеми,
Никакви порнофилмови.
Ќе седне на бутовите на некоја девојка
На предното седиште.
Секојпат се сожалуваат на детето.
Баба не мора да седи.
Баба ќе стои над детето.
Сега поточињата од дожд
Се слеваат по прозорецот.
Тука уште посилно смрди на кучиња.
Сите накратко замолчуваат.
Нејзините гради му ја притискаат темата.
Големиот жолт валјак бавно
Се движи по улицата.
Пиковата дама
Учеше да собира на табланет.
Седум и шест — тринаесет –
На седумката и осумката нема што да им бараш.
Ако на тоа фрлиш пет,
Постои можност
Да се ослободиш од кецот или од џандарот.
Иако тоа е ризик од друга страна.
Треба да го повлечеш попот,
Додека има повеќе карти на талонот.
Да се правиш луд.
Потоа го покриваш со осум и шест,
И сите карти се твои.
Освен онаа седумка,
На која попатно ѝ се закачила тројка.
Кецот никогаш не се фрла
Кога на талонот има повеќе карти.
Но ако ризикуваш,
Повторно ќе ја оставиш седумката сама.
Неизбежно: сè пропаѓа уште на почетокот,
Ако дедо има дама.
Панонија
Надвор треперат последните улични светилки.
Улиците забрмчуваат сè посилно.
Небото на таванот бледнее.
Наскоро ќе заѕвонат црковните камбани како
Ѕвоната за мртвите во мојот крај.
Недосонуваното утро го влече
Товарот на будноста.
Се разденува залудно.
Подовите ми крцкаат под нозете.
Потоа крцкаат рачките на прозорците.
Боровите го носат мирисот на морето.
Таму некаде, наместо сево ова, сега шумоли Јадранот.
За последен пат,
Ќе бидам тажен како Пан. Тој и јас
Под небо без одраз.
(Од поетската збирка „Црвени уши или Лунин на суво (генеалогија на исчашеното колено)“, издание на Литера, 2026)
Препев од српски јазик: Сашо Огненовски
В. В. Престовиќ (Вук Престовиќ). Роден е во Белград во 1992 година, како Вук Вуковиќ. Под тоа име објавил две поетски збирки во издание на „Пресинг“ – „Орфеевите сенки“ (2015) и „Антипоезија“ (2017), а постигнал и забележителни резултати во областа на краткиот расказ, меѓу кои и наградата за најдобар краток расказ на „Шумадиските метафори“ во 2021 година. Истата година влегол во потесниот избор за печатеното издание на наградата „Лепосава Мијушковиќ“ со книгата „Никој повеќе не оди во рајот и други раскази“, а освоил и второ место на конкурсот „Кога животот ќе те изненади“, во организација на издавачката куќа „Лагуна“, покрај уште неколку други признанија. Застапен е во неколку прозни, драмски и поетски зборници: „Нова младеновечка поезија“ (Литера, 2017), „Нов младеновечки краток расказ – Карневал во сутеренот“ (Литера, 2019) и „Нова младеновачка драма – Куќа во вода“ (ГО Младеновац, 2020), која го носи насловот според неговата истоимена драма. Со песната „Homo homini lupus“, со која станува дел од збирката „Тенки револуции“, избрана во конкуренција на повеќе од 12.000 песни од автори од регионот на конкурсот на издавачката куќа „Контраст“ во 2023 година, тој престанува да учествува, да објавува или на кој било друг начин да се експонира на слични настани – во кои и дотогаш учествувал многу ретко. Со тоа, според сопственото видување, го заокружува и периодот на раното творештво. „Црвени уши или Лубин на суво (генеалогија на исчашеното колено)“ е негова прва книга по тој период, објавена под псевдонимот В. В. Престовиќ, во издание на „Литера“ (2026). Избор песни од книгата е објавен на регионалниот книжевен портал „Страни“ (2026). Од јули 2026 година има статус на самостоен уметник преку Српското книжевно друштво (СКД). Студирал филозофија на Филозофскиот факултет во Белград. Е-пошта: vukovicprestovic@gmail.com Веб-страница: www.vvprestovic.rs