Elementi Logo

НЕМИНОВНОСТ

Backgorund

НЕМИНОВНОСТ

постојат утра

во кои веќе си се будел

места на чии имиња не се сеќаваш

времиња што не ги препознаваш

 

сеќавањата се како сликарско платно

на кое се пресекуваат патишта

лебдат силуети

прскаат бои и бледнеат денови

не опирај ѝ се на минливоста

откажи се од таа залудна работа

штеди го здивот

има уште трепети

кои се викаат живот

 

часовникот ќе продолжи да отчукува

ќе дишеш а ќе мислиш на смртта




МАЛИ ПЕСНИ ЗА ТИШИНАТА

* * *

Разделбите потсетуваат на умирање.

Зборовите за збогум на посмртен говор.

Затоа треба што побрзо да се замине.

Без свртување.

Без непотребни зборови.

Да се затвори вратата зад себе.

Да се спуштат ќепенците.

Да не се крева прашина.

Треба тивко да се замине во разделбата.

Тоа ќе биде достоинствена смрт.



* * *

Никому не му треба твоето негодување.

Ни протестот на пристанишниот работник. 

Револтот на продавачката.

На улица извикуваат пароли. Штрајкуваат со глад.

Живи ги палат на плоштадите.

Покрај нив рамнодушно тече времето.

Неправдата не е негова работа.

Твоето отсуство нема да ги вознемири.

Ќе сфатат дека те нема.

Кога на прашањето ќе им одговори тишината.



* * *

Тишината во која живееме

е тесто што расте.

Лепило за муви. Жива кал.

Ја јадеме трипати дневно.

Некогаш таа нас нѐ јаде.

Во чекор нѐ следи.

Легнува со нас во постела.

Животот во неа е неподнослива празнина.

Го остри јазикот со нашата немоќ.

Ако зине, ќе нѐ проголта.



* * *

Кога Големата Тишина ја прекина

Големата Експлозија настана Пат.

На него се појави човек.

По него дојдоа многу луѓе.

Ги замрсија јазиците. Посеаја смрт.

Тоа траеше и траеше и траеше.

По втората Експлозија настана

рамна црта.

Во тишината уште одекнува

минута молк.




СООЧУВАЊЕ

ова е време на вистината

несреќникот гледа во небото

џелатот во жртвата

 

детето во патот по кој отишло

играјќи си

старецот во детето

 

љубовниците во срцето на измамата

филозофот во својата запрашаност

поетесата во светската болка

 

мајката во празната маса

синовите во мајчината слика

 

ти што ја читаш оваа песна

соочи се со себе

 

зашто вистината како и секогаш

мижи



БЛИСКОСТ

мојот пријател допатува оддалеку

топло го дочека градот што го сака 

обвиткан во мирисен липов цвет

во ресторанската бавча седеа насмеани луѓе

однекаде допираа звуци на евергрини

светлината нежно се разлеваше по покривите

 

мојот пријател е замислен и тивок

таму од каде што доаѓа смрди на згариште

тревогите го сечат воздухот го секнуваат здивот

луѓето избезумено трчаат во скривниците

верно следени од наведуваните проектили

на нивната иднина ѝ се заканува помрачување на умот

 

на неговото лице се вгнездила сенка

го вознемирува звукот на автомобилската сирена

немоќта нешто да смениме

ја премолчуваме со допир на рацете

соучесник сум на неговата потреба за преживување

сакајќи да крикнеме доста

 

знае тој

дека ми е блиска неговата болка




СВЕДОЧЕЊЕ

смената на годишните времиња

раѓањето и староста

се делчиња од Целината

во неа поминуваме како здив

осветлени од утрото

веќе нѐ проголтува мракот

 

и дршката на копјето лета по острицата

но не ја стигнува

 

поради крајностите што ги живееме

го губиме видот

колку поблиску до половите

толку подалеку од себе

одејќи во темнината или светлината

нѐ стигнуваат поларната ноќ и полноќното сонце

колку подолго во нив

толку пократко во себе

додека околу нас блескаат очите

на дивите животни

 

од сите стравови

најмногу боли немоќта

никој не ја слуша твојата молитва

никој не го гледа ужасот во твоите очи

никој не сака да те фати за рака

 

одејќи во круг со фенерот в рака

го сведочиме сопственото исчезнување

сеќавањето е гадна работа

сече како жилет

крвариш по малку а долго





СИГУРНА ДЕСТИНАЦИЈА

фината госпоѓа доаѓа точно навреме

по милите бабички и резигнираните старци

навикнати на стрпливо чекање во редот

 

некогаш богами и преку ред

 

возењето со неа е неповторливо искуство

на кое му се приоѓа ритуално

како на масиче со попладневен чај

 

фината госпоѓа ја преферира естетиката на грдото

во кое е убава само мртвата природата

цврсто всандачена во сеќавањата

 

таа никаде не брза зашто добро знае

ќе стигне токму навреме

по следната тура за бестрага

 

од нови вонвременски патници

 

во мракот што хипнотизира

во небото кон кое се вознесуваме

под земјата од која сме зачнати

 

несвесни дека ќе нѐ надвишат брезите

ќе нѐ надрасне тревата

ќе нѐ изеде утрешниот ден



РАДОСЕН ДЕН

ако доаѓаш на мојот остров

ќе ти бидам добар ветар

и добра среќа

 

ќе чекам набљудувајќи го хоризонтот

со издадени гради

за кои ќе го врзеш клунот на бродот

 

кога ќе стигнеш ќе ја повикам плимата

ќе ти го избришам паметењето

ќе ти ги врзам рацете со нежност

 

ќе ти се вгнездам во промислата 

во препоните во прегратките

ќе ги заплиснеш моите брегови

 

меѓу две вечности

ќе го запреме мигот

како истрел во светлина

 

кога ќе дојдеш на мојот остров

морето ќе ја изеде маглата

небото ќе стане бела постела

 

ќе биде ден на радоста

 

Препев на македонски јазик: Виолета Танчева-Златева

ЗА АВТОРОТ

ЖЕЉКА АВРИЌ

Жељка Авриќ е родена 1964 година во Бања Лука. Дипломирала на Филозофскиот факултет во Нови Сад, на катедрата за југословенска книжевност и српско хрватски јазик. Живее и работи во Сремска Митровица. Пишува поезија, литературни прикази и есеи. Објавува во списанија за литература, уметност и култура. Нејзините песни се преведени на унгарски, руски и бугарски јазик. Член е на Друштвото на писателите на Република Српска и на Здужението на писателите на Србија. Добитник на повеќе книжевни и општествени награди. Објавени стихозбирки: Портрет 2001; Ѕвездарница 2004; Маргиналии 2013; Временик 2014; Сум, 2016 година; Жедувам, 2018; Сонетни броеници (со писателот Ранко Павловиќ) 2019; Песната е нејзиното второ име (избрани љубовни песни) 2020 година; Несоница (во ракописот наградена со наградата „Гордана Тодоровиќ“ во Сврљиг) 2021; Насушниот (наградена со прва награда на Дринските книжевни средби во Зворник) во 2022 година.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 22

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ