Elementi Logo

ГРАДСКА РИМА

Backgorund

ГРАДСКА РИМА

набрзина го протна тефтерчето во штофениот капут, си ја поправи пеперутката врз белата кошула, го поднакриви карираниот качкет на главата, фрли последен поглед во огледалото и излезе од станот. Уште беше под силни импресии од вчерашниот поетски фестивал. Тоа го поттикна ноќта да ја мине без сон, неуморно пишувајќи нови стихови со молив во раката и жар во очите. Затоа денес толку го печеа. Сепак, не чувствуваше замор, имаше чувство на некаква должност да ѝ оддаде почит на музата. 

Не чекаше долго на постојката кога му пристигна автобусот во правец на центарот на градот. Се качи и седна на едно од слободните места. Набрзина го извлече тефтерчето од внатрешниот џеб и фрли бегол поглед низ испишаните страници. Впрочем, тоа беше непотребно, веќе ги знаеше на памет. Како и да е, тоа му влеа уште поголема самодоверба. 

Не беше изненаден кога возејќи се со автобусот беше очигледно дека вчерашниот поетски фестивал оставил силен впечаток врз голем број граѓани. Често можеше да се забележи како некој граѓанин рецитира стихови во некој маалски парк, како некој замислен граѓанин, потпрен со рамото на некоја бандера, запишува нешто во тефтерче, некој со цврсто вперен поглед пред се­бе изговара некакви неразбирливи зборови, не­кој бодро чекори напред со главата вперена во об­лаците… Како целиот град да пулсираше во некој ритам, по некоја градска рима. 

Се симна една постојка пред строгиот центар на градот. Неслучајно, таму се наоѓаше бистата на националниот бард. Ја почувствува таа света должност своите стихови да ги интерпретира токму пред неговата биста. Тешко беше и да се најде посоодветно место за ова. 

Зачекори по алејата што водеше до бистата. За кратко се најде пред неа. Како и секогаш, во овој пасаж минуваше врвулица луѓе, во некои периоди од денот знаеше да биде лудница! Беше убеден дека ќе има група слушатели. А и стиховите, во негова интерпретација, беа многу енергични и моќни. Тоа го виде и на снимката што си ја направи самиот како рецитира во својата
соба.

Се качи на нивото на постаментот на кој стоеше бистата и застана, прво со грбот свртен кон минувачите. Го симна качкетот во знак на почит и го остави на бистата. Потоа полека се сврте кон публиката. Тефтерчето не му требаше, ги знаеше сите стихови напамет, но сепак му е тука, во џебот од капутот, точно врз срцето! 

Кусо си го прочисти грлото и започна со прва­та песна, кратка, но моќна, од две строфи. Погледна пред себе, имаше голем број луѓе, но засега само минуваа во правец на дневните обврски. Втората песна веќе беше подолга, поенергична, остави впечаток кај неколкумина минувачи, подзастанаа, послушаа и си заминаа. За следна го одбра хајлајтот, таа беше и една од најенергичните. 

Бавно фаќаше ритам со првите стихови, така беше замислена песната, постепено да се искачи по тонската скала. Полека се искачуваше за да дојде до поетско тремоло со силно замижани очи. Не му прелета никаква мисла низ главата дали има некој што го слуша во публика, не беше ни важно, се работеше за страст. 

Кога го заврши последниот стих, полека поч­на да ги одлепува клепките. Сѐ уште со блага задоволна насмевка на лицето, несигурно погледна пред себе. Се израдува кога виде како му наближуваат првите четворица слушатели – двајца во бели мантили, придружени од двајца во сини униформи. Одеа кон него со мошне заинтересирани насмевки и цврст, одлучен чекор.

ЗА АВТОРОТ

Филип Димевски

Филип Димевски е дипломиран филолог по полски јазик и книжевност и македонски јазик. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Преведува современа полска проза, класични дела, како што се лауреатите на Нобеловата награда Хенрик Шенкевич, Владислав Рејмонт, Чеслав Милош, но и класиците Витолд Гомбрович, Станислав Виткевич, Болеслав Прус и др, и литература за деца и млади. Основач е и активно работи како уредник и редактор во издавачката куќа Бегемот, а организатор е на книжевно-мултимедијалниот фестивал „ArtArea/Артерија“. „Секојдневието на Војомир“ е негово прво авторско дело.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 19

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ